Претседателот на Бугарија, Румен Радев стравувајќи за здравјето на граѓаните, размислува за одложување на предвремените парламнетарни избори, за кои токму тој како датум го определи 28 март. Радев денеска имал консултации со здравствени експерти од кои барал мислење за тоа дали изборите во март би преставувале ризик за гласачите и за учесниците во кампањата.
Премиерот Бојко Борисов смета дека Радев одработува за опозицијата, која според последните истражувања на јавното мислење, тешко дека ќе успее да оствари триумф и да ја преземе власта во Бугарија.
Според Борисов, консултациите со здравствените експерти имаат цел да ја оправдаат таа негова улога.
„Изборите се на 28 март и нема зошто да се бараат оправдувања. Тој самиот го кажа тој датум, и сега се обидува врз база на ставови на лекари да ги одложи изборите. Ние се подготвуваме, се прават посебни протоколи за нивно безбедно спроведување. Тој, се разбира, има законско право да ги одложи изборите, но да бара нешто што никој не може да го прогнозира, каква ќе биде состојбата во март, е грозно. Па, зарем на светот има таков човек. Ако можеше некој да даде прогноза што ќе се случува до 28 март, тој ќе беше шеф на СЗО, иако се покажа дека ниту тие не знаат“,
изјави Борисов.