Од ТАВ Македонија велат дека внимателно ја следат состојбата и се во постојана комуникација со авиопревозниците. Во овој момент, додаваат оттаму, не се очекуваат значајни промени во вкупниот број на летови и на патници, имајќи предвид дека најголемиот дел од сообраќајот на скопскиот и на охридскиот аеродром е поврзан со дестинации во Западна и Северна Европа

Конфликтот на Блискиот Исток засега нема да предизвика поголеми нарушувања во македонскиот авиосообраќај, иако е можно ограничено влијание кај одредени дестинации, велат од ТАВ Македонија.
Генералниот директор на аеродромскиот оператор, Неџат Курт, во изјава за МИА нагласува дека состојбата внимателно се следи во постојана комуникација со авиопревозниците. Според него, стабилноста на сообраќајот се должи на фактот што најголемиот дел од летовите од Скопје и Охрид се насочени кон Западна и Северна Европа.
Измена поради новонастанатата ситуација е одлуката на компанијата „Визер“ од 13 април да ја прекине линијата Скопје – Ларнака. Поради намален интерес за резервации, оваа рута во иднина ќе функционира само како сезонска во текот на летните месеци.
По војната на Блискиот Исток, дел од авиокомпаниите веднаш мораа да се прилагодат на настанатата состојба, а со тоа и да ги реорганизираат рутите и распоредите на летови, што индиректно се одрази и врз туристичките патувања на глобално ниво.
Курт вели дека од гледна точка на компанијата, како оператор на двата македонски аеродроми, нивната надлежност се аеродромските операции и обезбедување непречено и безбедно функционирање на услугите за сите авиокомпании и за патниците додека тие се на аеродромите.
Можно е, вели Курт, одредено ограничено влијание кај дел од дестинациите, но засега не се очекуваат поголеми нарушувања во авиосообраќајот.
Со летниот ред на летови, кој стартува ноќеска на полноќ ќе има 10 нови дестинации од двата домашни аеродрома.
Од Меѓународниот аеродром „Скопје“ ќе сообраќаат 16 авиокомпании на 49 дестинации, а чартер-летови ќе има кон шест дестинации, како и 20 дестинации кон кои ќе лета авиокомпанијата „Фри брд јуроп“.
Од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, пак, ќе летаат седум авиокомпании до 13 дестинации, а чартер-летови ќеима кон три дестинации на две авиокомпании.
На почетокот на новиот ред на летање, 29 март, стартува авиолинијата од Охрид до Милано, а од 30 март Скопје првпат се поврзува со Неапол, а повторно се воведува авиорутата до Будимпешта. Потоа од 17 мај, „Аустријан ерлајнс“ ќе започне со летови од Охрид до Виена, а во јуни „Визер“ ќе воведе уште две нови линии од Охрид до Катовице и Вроцлав.
Од 15 јули стартува линијата од Скопје до Палермо, а од 18 јули започнува рутата Скопје – Алгеро.
Во првите денови од јуни, започнуваат и чартер летовите од Скопје до Трабзон на 2 јуни и до Самсун на 3 јуни на авиокомпанијата „Анадолу џет“.
Според најавите, утре и официјално ќе почне реконструкцијата и модернизацијата на Охридскиот аеродром, која се очекува да биде завршена до крајот на мај годинава.
