Заменикот на премиерот за борба против корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски, денеска одржа прес-конференција со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, за како што објаснија, злоупотреби во дел од спортските федерации. Пораката од настапот беше дека нема место за корупција во спортот, особено што федерациите трошат и државни пари кои ги добиваат преку Агенцијата за млади и спорт.
„На тапет“ беа ставени Федерацијата на боречките спортови и Скијачката федерација. До Кабинетот на Николовски стигнале повеќе претставки за овие две организации, па откако се координарал со Агенцијата за млади и спорт заклучиле дека станува збор за криминал и корупција.
„По анализа на претставките во врска со Боречката и Скијачката федерација веднаш побаравме од Агенцијата да биде спроведено детално истражување и на двата случаи и, следствено на тоа, да бидат преземени соодветни мерки. Притоа беа организирани неколку координативни состаноци со директорот, со другите претставници, со претставници во Владата, но и со подносителите на сите претставки, се со цел да добиеме вистинска и реална слика на сето она што се случува во двете федерации, а преку тоа и сето она што се случува во финансирањето на спортот“
вели Николовски
Против Федерацијата на боречките спортови, изјави Николовски, веќе е поднесена пријава до ОЈО за гонење на органзиран криминал и корупција.
„Целокупната документација доставена од подносителите против Боречка федерација, од страна на мојот Кабинет, е препратена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Секоја дополнителна документација што ќе ни биде доставена на увид, ќе биде доставена до надлежните органи за откривање на криминал, се со цел спроведување на детална и целосна истрага.
изјави Љупчо Николовски.
Директорот на АМС, Наумче Мојоски, пак, информираше дека по поднесените претставки од Кабинетот на вицепремиерот и по направените анализи, Агенцијата за млади и спорт согласно својата надлежност поведела дисциплинска постапка против самостоен инспектор кој ја испитува работата на овие две федерации.
„Ова го направивме од причини што постојат сериозни индиции за одредени пропусти при вршењето на инсепкцискиот надзор од страна на инсепкторот, од една и од друга страна. Така ќе се создаде можност да се расветлат евидентираните злоупотреби и нерегуларности во работењето на посочените федерации“
рече Мојоски
И Мојсовски и Николовски упатија апели но и пораки до сите федерации дека се должни да го почитуваат Законот за спорт и Законот за здруженија на граѓани, во зависност од тоа како се организирани и како функционираат.
„Секој еден случај ќе биде пропратен до институциите. Очекуваме целосна разрешница и во поглед на овие две федерации и праќаме јасна и гласна порака дека информациите стигаат од граѓаните до нас и дека ние, во секој еден случај, без разлика за кого и да станува збор, ќе реагираме и ќе ги преземеме сите мерки и инструменти кои ни стојат на располагање“,
изјави Љупчо Николовски.
Иако денеска беа на тапет Боречката и Скијачката федерација, најголемата спортска организација за која Агенцијата за млади и спорт тврди дека има нерегуларности е Фудбалската федерација на Македонија. Нејзиното име, сепак, не беше споменато на прес-конференцијата.