Британија размислува да ги заостри рестриктивните мерки против ширењето на коронавирусот, а засега премиерот Борис Џонсон такви мерки најави за некои делови од Англија.
Вчера беа пријавени 57 725 нови случаи на зараза во Велика Британија, што е новиот дневен максимум. Џонсон рече дека Владата прави се што е потребно за уништување на вирусот, но предупреди дека претстои тежок период. Тој додаде дека масовната вакцинација е излез и дека се надева дека „десетици милиони“ граѓани ќе бидат вакцинирани во следните три месеци.
Велика Британија се бори со огромно зголемување на бројот на нови случаи, што е последица и на новиот вид на коронавирус, за кој официјалните лица велат дека се пренесува 70 проценти побрзо од претходниот.
Вработените во образованието во Англија побараа училиштата да бидат затворени две недели, по што Владата донесе одлука да се затворат сите училишта во Лондон и наставата да продолжи онлајн. Претходно, одлука беше донесена за затворање на училиштата и во некои помали градови во близина на главниот град.