„На иста линија беше и коментарот на претседателот на Европскиот совет. И тој прво го оцени нашиот предлог за одложено решение како добро решение, но дека не наишол на разбирање во соседството. Сепак, изрази подготвеност за разговори меѓу нас тројцата, претседателот на Бугарија, тој и јас. И тоа е креативно“, рече претседателката во интеервју за РСЕ
Австрија е подготвена да разговараме за изнаоѓање креативно решение со Бугарија и смета дека во моментов најважно за Европската Унија е да се спроведе политиката на проширување, вели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Како што посочи, министерката за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Беате Мајнл-Рајзингер за време на средбата во Скопје минатата недела изјавила дека би сакала разговорите за решавање на овој спор да се случат во Виена.

На прашањето дали сме поблиску или подалеку од пред една година од почетокот на преговорите за членство во ЕУ со оглед дека бугарската влада потсети оти условот за вметнување на бугарското малцинство за почеток на преговорите за членство не е единственото барање на Софија за овој процес, претседателката вели дека не може со една реченица прецизно да одговори.
„Ако речам дека сме подалеку или поблиску тоа не е вистинскиот одговор, бидејќи понекогаш далечината или близината е многу релативна, зошто не значи дека ако почнеме ние преговори дека тоа навистина ќе значи исчекор. Во исто време може да дојде и ново барање или пак, како што досега се случуваше да следат процеси кои ќе го оневозможуваат нашето договарање за кластерите и за поглавјата“,
вели таа.
За овој период, посочи дека забележала промени, односно дека нашиот преседан доведе до промисла на евроинтеграциските процеси, бидејќи сите знаат дека овој преседан ќе изроди нови преседани.
„Јас честопати велам дека устав може да смените, но не можам јас да ветам дека ќе има уставни измени набрзо, бидејќи јас сум овластена предлагачка на уставни измени, но пратениците гласаат по сопствено уверување, бидејќи тие ги преставуваат граѓаните, а не мене и другите власти“,
кажа претседатлката.
Најчесто прашање кои и се поставува од надвор е дали ќе има уставни измени. Вели дека секогаш дава кус одговор, дека тоа не може да го гарантира, оти не е апсолутен монарх.
„По мене барањето од надвор уставни измени е спротивно на темелните вредности и принципи на Европската Унија вградени во договорот за ЕУ вградени во Лисабонскиот договор и во повелбата за фундаментални права бидејќи таму има обврска или ветување дека ЕУ ќе ги почитува уставните и политичките структури на државите или дека ЕУ ќе го почитува националниот и културниот идентитет и дигнитетот и интегритетот“,
рече таа во интервјуто за РСЕ.
Според неа, има простор за креативна дипломатија за надминување на проблемот за почетокот на преговорите, но истоврмено дава и неколку предлози како да се направи тоа.
„Креативна дипломатија, да. Нам ни е јасно дека преговарачката рамка е усвоена. Нам ни е јасно дека е тешко таа да се менува, иако случајот на Србија го покажа и поинаквото. Затоа јас велам дека штом ние укажуваме на проблеми поврзани со нашето преговарање тогаш и ЕУ треба да вложи енергија креативно да овозможи наше напредување и мислам дека ова што го спомнувате е на таа линија“,
вели претседателката.
Она што таа го предлага е дека Европскиот Парламент може да донесе некаков акт за состојбите меѓу нас и Бугарија, може и Советот да даде некакви инструкции.
„Може, исто така, еве да се во некаков акциски план до историската бугарско-македонска комисија да се предочи тие може да бидат слободни, но да внимаваат, иако вие велите дека е теорија. Не е теорија. Тоа се уставни акти на ЕУ, и тие треба да ги почитуваат не само во однос на членовите, туку и во однос на сите други. Значи да им се предочи. Два протоколи потпишавме, така? Еве може уште еден, но да не можат да бидат основ за вето, туку дека ќе се разговара слично како што разговараа Германците и Французите, Полјаците и Германците за да видиме како низ интерпретација на решенијата можеме да дојдеме до конечен договор. Да потенцирам, во договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија нема ниту еден член ниту еден збор за уставни измени. Уставните измени никнаа од првиот и од вториот протокол“,
истакна претседателката.
На прашањето дали таа или Австрија ги контактирале властите во Бугарија, Сиљановска-Давкова рече дека сигурно министерката штом предложила вакво нешто или го сторила или ќе го стори тоа.
„На иста линија беше и коментарот на претседателот на Европскиот совет. И тој прво го оцени нашиот предлог за одложено решение како добро решение, но дека не наишол на разбирање во соседството. Сепак, изрази подготвеност за разговори меѓу нас тројцата, претседателот на Бугарија, тој и јас. И тоа е креативно“,
нагласи Сиљановска-Давкова.
Одговарајќи дали договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство е замена за евроинтеграцијата на земјата, вели дека за нас членството во ЕУ нема алтернатива.