Кандидатот на Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива за градоначалник на Тетово во предизборната кампања најави и три зелени пазари, ревитализација на Тетовското кале, реконструкција на улиците со калдрма…

Кандидатот за градоначалник на Тетово од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива Вулнет Мурсели вечерва во Тетово отвори два изборни штаба во центарот на градот и во населбата Теќе. На средба со жителите Мурсели ја потенцираше потребата од репланирање и функционализација на градскиот плоштад и интеграција со новиот и стариот трговски комплекс.
„Ако земеме предвид дека со правилно репланирање потпирајќи се на можноста за употребна технологии и иновации, центарот на Тетово ќе стане атрактивна област, каде животот ќе биде полесен, како и пристапот до улиците и паркинзите. Се разгледува можноста за подземен паркинг под плоштадот, што е предвдено со Генерален урбанистички план за Тетово, но во склоп со редизајнирањето на централното подрачје. Потребни се повеќе детски катчиња и зелени површини“,
истакна Вулнет Мурсели.
Тој го потенцираше продолжувањето на булеварите за да може Тетово сообраќајно да „дише“.
„Приоритет ќе ни биде продолжување на булеварите – ’Видое Смилевски-Бато‘ кон Порој, ’Благоја Тоска‘ кон патот Тетово-Јажинце како и ’Илинден‘ од поштата до градскиот стадион. Предвидуваме и нови капацитети за паркирање, со катно паркирање на четири локации во градот“,
рече Мурсели.
За населбата Теќе, програмата на Мурсели предвидува уредување три места како зелени пазари.
„Така ќе можат земјоделците да продаваат на соодветно место, наместо како досега на тротоари“,
рече Мурсели.
На прашањата на граѓаните за зачувување на градската архитектура, Мурсели го потенцираше проектот „Заштитени и обновени населби“ со цел да се зачува автентичниот тетовски стил, ревитализација на Тетовско Кале, реконструкција на улиците со калдрма, зелени површини, обнова на културно-историските споменици во стариот дел од градот.