Полицијата како осомничени ги посочи Демиен Сандерсон (31) и Мајлс Сандерсон (30). Како што се наведува, осомничените користеле црн „нисан“, но не е јасно дали во меѓувреме го смениле автомобилот
Можен мотив за крвопролевањето во Канада е дрога, изјави началникот на полицијата Боби Камерон од домородната заедница каде што се случи нападот. Полицијата засега не објави официјален мотив за нападот, а потрагата по двајцата напаѓачи кои со нож убија десет лица и ранија најмалку 15 се уште трае.
Полицијата како осомничени ги посочи Демиен Сандерсон (31) и Мајлс Сандерсон (30). Како што се наведува, осомничените користеле црн „нисан“, но не е јасно дали во меѓувреме го смениле автомобилот.

Ронда Блекмор, командант на кралската канадска коњичка полиција, рече дека истрагата во моментов се обидува да ја утврди врската меѓу двајцата осомничени, како и тоа дали тие претходно и биле познати на полицијата. Таа не зборуваше за мотивот на нападот, но полицискиот командант Боби Камерон од домородната заедница каде се случи нападот сугерираше дека масакрот би можел да биде поврзан со дрога, пренесува „Јутарњи лист“.
„Одеа од врата до врата“
Канадската полиција соопшти дека првиот итен повик го примила во 05:40 часот по локално време во Реџина, главниот град на канадската провинција Саскачеван. Наскоро следеа неколку повици за помош, при што локалниот новинар Логан Стајн изјави за Би-би-си дека се чини дека „напаѓачите оделе од врата до врата и ги напаѓале локалните жители“.
Нападите се случија на повеќе локации, а полицијата истражува 13 места каде се пронајдени или мртви или повредени лица.
Според полицијата, се чини дека некои од жртвите биле планирани цели на осомничените, додека други биле нападнати по случаен избор.
Властите го опишаа напаѓачите како 30-годишни мажи, а во меѓувреме се појавија и првите информации за жртвите – меѓу загинатите има 77-годишен маж и мајка на две деца.