Во наредниот период „360 степени“ ќе пренесе неколку текста за ситуацијата во Украина изработени во рамките на „The Reckoning Project“ – глобален тим од новинари и правници што документира, објавува и изготвува случаи за воени злосторства на Русија во Украинa
Трета од серијата стории што ќе ги реобјавиме е за украинско момче – Богдан, кој бил малтретиран на територијата на окупиран Крим само затоа што сакал да го зборува својот мајчин јазик – украинскиот
„Не те разбираме“, му велеле наставниците. „Можеби треба да зборуваш руски?“ го притискале Богдан, кој инсистирал да зборува украински. Неговите соученици му се потсмевале, го нарекувале „сепаратист“ и се смееле. Во 2014 година, кога Русија го окупирала неговиот роден Крим, Богдан бил првоодделенец. За малтретирањето му кажал на својот татко дури пет години подоцна, долго откако нивното семејство го напуштило Крим и живеело во слободна Украина. Момчето признава дека кога се присетило на тие спомени, одеднаш се расплакало, што и самиот го изненадило – мислел дека веќе не му е грижа.
Имињата на поединците се променети, а некои детали од нивните приказни се намерно изоставени од безбедносни причини. Поради тековните непријателства и окупацијата на делови од јужна Украина од страна на Русија, редакцијата не може да добие официјална потврда за дел од сведоштвата или независно да ги провери.

Семејството на Богдан го напуштило Крим неколку месеци по окупацијата. Илјадници семејства низ полуостровот и во окупираните делови на Донбас ја донеле истата одлука, иако многу други останале. Децата што растат под окупација поминуваат години слушајќи руска пропаганда, плашејќи се да излезат од дома без причина, да зборуваат слободно или да веруваат некому. Многумина тајно продолжуваат да учат во украински училишта, се преправаат дека се лојални на агресорот и ги кријат своите вистински убедувања.
Индоктринацијата на украинските деца во окупираните области е намерен и систематски обид да се преобликува нивниот поглед на светот и да им се всадат одредени идеи – политика која, според бројни сведоштва, Русија ја спроведува уште од 2014 година, кога го зазеде Крим и делови од Донецката и Луганската Област. Милитаризацијата станала дел од таа политика.
Од почетокот на целосната инвазија, Русија ја проширила и индоктринацијата и милитаризацијата на украинските деца под окупација, особено во областите освоени по 2022 година. Во училиштата тоа се прави преку пропаганда, „часови за важни теми“ и средби со таканаречени „херои“ на „специјалната воена операција“, како што Русија ја нарекува својата војна против Украина. Надвор од училиштата, тоа се случува во кампови каде што, според децата и истражителите, ги учат на руски патриотизам, им даваат воена обука и ги регрутираат во руски младински воени движења како „Движење на првите“ и „Јунармија“.
Според украинските власти и бранителите на човекови права, околу 1,6 милиони деца живеат на окупираните територии. Речиси сите тие доживуваат психолошко насилство, вели Наталија Сосновенко, психолог од добротворната организација „Гласови на децата“ и експерт за окупација и депортација. Овие деца, објаснува таа, се лишени од можноста да живеат слободно и нормално детство.
„Бев премногу мал за да се расправам. Соучениците ми викаа ‘сепаратист’ и се смееја. Бевме во прво одделение и јас дури ни не знаев што значи тој збор“,
вели Богдан, кој сега има 18 години и е студент во прва година на универзитет во Украина.
Тој имал само седум години кога сè започнало.

Тоа била учебната 2013–2014 година, која започнала наесен со Револуцијата на достоинството, продолжила во февруари со окупацијата на Крим и завршила во март со нелегалниот „референдум“ на агресорот за „анексија“ на полуостровот кон Руската Федерација. Во тоа време, семејството на Богдан живеело во еден од кримските градови, каде што момчето го поминало своето рано детство.
Богдан се сеќава дека во 2013 година неговото прво училишно ѕвонче се слушнало со химната на Украина и со украинското знаме во позадина. На почетокот од учебната година, околу половина од децата во неговото одделение зборувале украински. Откако пристигнале окупаторите, сите украински симболи исчезнале од училиштето. Таблата со украинската химна, портретите на Иван Франко, Тарас Шевченко и Лесија Украинка биле отстранети. Сино-жолтата табла со фотографиите на наставниците била префарбана.
Директорот и некои наставници биле заменети. Новите наставници почнале да ги принудуваат сите ученици, без исклучок, да ја носат „Георгиевската лента“ на кошулите, која во тоа време сè уште не била официјално забранета во Украина (забраната била воведена во јуни 2017 година).
„Родителите ми објаснија дека тоа нема никаква врска со украинските симболи, па не сакав да ја носам и постојано ја вадев“,
вели тој.
Но наставниците постојано го терале повторно да ја закачи.
Наставниците преминале на руски јазик и сите часови се одржувале на руски. Под притисок од наставниците, и соучениците што зборувале украински почнале да преминуваат на руски. Наставниците го притискале и него.
„Ми велеа: ‘Не те разбираме’ и ‘Можеби треба да зборуваш руски?’ Тогаш бев премногу мал за да се расправам. Не реков ништо, но не се префрлив ни на руски“,
се сеќава тој.
Постепено, во одделението сите зборувале руски освен него.
Еден ден, за време на игра, соучениците го претепале. Момчето се обратило кај наставничката, која била во близина, но таа не направила ништо за да го заштити. По таа случка се чувствувал како отфрлен.
Тие неколку месеци под окупација биле сериозен тест за семејството на Богдан. Неговиот татко, активен учесник во Револуцијата на достоинството, ја изгубил работата. Неговата мајка била преплашена. Еден ден таткото рекол дома дека семејството ќе се пресели во друг регион на Украина. Богдан го слушнал разговорот и решил само да почека додека заврши сè.
На последната училишна церемонија таа година, тој стоел слушајќи ја руската химна под трибојното знаме. Богдан го завршил првото одделение со одлични оценки, но откако семејството се преселило во слободна Украина летото 2014 година, се плашел да започне второ одделение во ново училиште, мислејќи дека малтретирањето ќе продолжи. Сепак, таму сите зборувале украински и бил топло пречекан од учениците и од наставниците. Конечно успеал да стекне пријатели.

Богдан речиси и да не зборувал со родителите за тоа што му се случило на училиште по окупацијата. Кога бил во шесто одделение, тој и татко му се враќале пеш дома и почнале да разговараат за Крим. Богдан признал дека во окупираното училиште децата го нарекувале „сепаратист“. Тоа било првпат да го спомне тоа по пет години. „Мислев дека веќе не ми е грижа, но почнав да плачам“, вели момчето.
Неговиот татко го поддржал, но истовремено бил и лут – не на Богдан, туку на фактот дека неговиот син бил принуден да трпи малтретирање и толку долго го чувал тоа во себе.
Следните неколку години Богдан продолжил да верува дека тоа што му се случило било едноставно лоша среќа, дека само се нашол на погрешно место во погрешно време. Сега го гледа поинаку. „Тоа не беше лоша среќа“, вели тој, „туку едноставно има Руси кои не ни дозволија да живееме во мир.“ Додава дека по почетокот на целосната инвазија, ова убедување само се засилило.
Во својата пресуда од 25 јуни 2024 година во предметот Украина против Русија (во врска со Автономната Република Крим и градот Севастопол), Европскиот суд за човекови права забележа: „Бројот на ученици кои добиваат образование на украински јазик се намали за 80% во првата година по 2014 година и за дополнителни 50% следната година“. Судот утврди потврдени докази што покажуваат значителен пад, од 2014 година наваму, на бројот на образовни институции и паралелки на украински јазик на привремено окупираниот Кримски Полуостров. Според комесарката на ЕСЧП, Маргарита Сокоренко, оваа пресуда е прва во која едно меѓународно судско тело ја утврдува одговорноста на Русија за политика на масовни и систематски прекршувања на човековите права на привремено окупираните територии на Крим и Севастопол.
Малтретирање и промена на идентитетот: „Психата се крши“
Ако малтретирањето е систематско, детето или се повлекува и станува отфрлено, или станува агресивно и се бори за место под сонцето. Дури и второодделенец може да се побуни. Сè зависи од тоа што детето гледа и слуша дома, бидејќи тие ги земаат сигналите од возрасните,
вели психологинката за деца и адолесценти и арт-терапевтка Ана Јериоменко.
Таа работи со деца што избегале од војната во 2022 година од фронтовските области и од териториите окупирани од Русија.
Според неа, присилната промена на идентитетот – обидот едно дете да се „преобучи“ од украинско во руско – е како на девојче да му се каже: „Отсега ти си момче“.
„Ова дефинитивно е штетно влијание. Психата се крши. Некои деца полесно попуштаат, го прифаќаат тоа што им се наметнува и нивното чувство за идентитет избледува. Други развиваат агресивна психа и се приспособуваат, но со чувство на срам. Тој срам се потиснува, затоа што длабоко во себе сфаќаат дека прифатиле нешто погрешно“,
вели Јериоменко.
Во секој случај, молчењето е одбранбен механизам, вели клиничката психологинка Натела Дубашидзе. Таа објаснува дека детето може да молчи од страв од реакција, потсвесно мислејќи: „Премногу боли“, „Нема да помогне“ или „Моја вина е“.
„Жртвите на малтретирање често развиваат чувство на вина. Тоа е природна психолошка реакција: ‘Можеби јас направив нешто погрешно.’ Нивната доверба во возрасните може да биде нарушена. Ако околината – наставниците или училиштето – не ги заштити, детето ја губи основната доверба во способноста на возрасните да му дадат поддршка и затоа не им се обраќа ни на родителите“,
вели Дубашидзе.
Јана: „Тој дел од мојот живот едноставно е изгубен“
„Јана го напуштила својот дом во Јужна Украина, окупиран по 2022 година, носејќи само куфер доволно лесен за нејзините тинејџерски раце, неколку стотици во готово и неколку телефонски броеви што сè уште ги паметела по три години. „Како воопшто да не сум била тинејџерка. Тој дел од мојот живот едноставно е изгубен“,
вели таа.
Јана има 18 години. Од окупацијата избегала сама. Девојката вели дека сонувала да замине уште од првите денови на целосната инвазија, но нејзините родители одбивале да го напуштат домот. Сè додека не наполнила 18 години, не можела да замине без нив.

Според руските закони, кои окупаторот сè повеќе ги наметнува на окупираните територии со помош на безбедносните сили, децата не смеат да патуваат во странство без придружба на родител сè додека не станат полнолетни.
Во Украина, децата можат слободно да се движат во рамките на земјата без надзор од 14-годишна возраст, а во странство можат самостојно да патуваат од 16 години.
„Веднаш им кажав на родителите дека нема да одам во окупациското училиште. За мене и за другите на моја возраст, нивната пропаганда веќе нема никакво влијание“,
вели девојката.
Сепак, помладите деца што ги познавала Јана навистина оделе во окупациското училиште. Тие ѝ кажувале дека таму биле изложени на „часови за важни теми“, каде што биле принудени да слушаат руска пропаганда за инвазијата и окупацијата. „Децата од десет години навистина почнуваат да веруваат дека сè што се случува таму е исправно“,
забележува таа.
Јана се сеќава дека по руската окупација на нејзиниот град во 2022 година училиштата и продавниците престанале да работат. Наместо нив се појавиле табли со руското трибојно знаме и портрети на Путин.
„Ширеа информации дека тоа ќе трае засекогаш, дека работите никогаш нема да бидат како порано и дека тие дошле во мир“,
се сеќава таа.
Учебниците и училниците во нејзиното училиште биле исполнети со руски симболи, буквата Z и портрети на Путин. Во окупацијата не биле забранети само украинските симболи, туку дури и навестувањата на нив.
„Бидејќи во мојата соба имав нешто како украинско знаме, морав да го кријам. Ако некој го видеше и го пријавеше во ‘командантската служба’, ќе имав сериозни проблеми“,
вели таа.
По неколку години под окупација, Јана изгубила контакт со повеќето свои врсници и соученици, кои заминале во првите недели од целосната војна. Во тоа време било опасно да се излегува надвор, а комуникацијата со други била ризична. Да се зборува украински или мешан украинско-руски (суржик) не било безбедно, а таа не сакала да стекнува нови познанства.
„Имаше момент кога почнав да се сомневам дека некогаш ќе успеам да излезам. Луѓето разговараа меѓу себе и изгледаше како младите да немаат избор – или да останат под окупација или да одат во Русија. Јас треба да ја градам својата иднина, но не сакав таа да биде таму“,
вели таа.
Јана ги опишува годините поминати под окупација како целосно изгубени во поглед на личниот развој и животното искуство. Таа смета дека токму затоа сега ѝ е тешко да запознава нови луѓе, да им верува на другите и многу се грижи како тоа ќе влијае на нејзината иднина.
„Тинејџерите се лути бидејќи возрасните не можеле целосно да ги заштитат“
„Нова социјална средина, нови наставници. И секое чувство на претходен успех се ресетира. Може да си бил одличен спортист во Бердјанск, но ако се преселиш, на пример, во Киев, можеби нема да ја најдеш својата заедница“,
објаснува психологинката Ана Јериоменко.
Тие ја доживуваат загубата на врската со врсниците како некој да починал, вели таа.
„Помалите деца можеби не разбираат целосно што значи окупација и едноставно го повторуваат тоа што го кажуваат нивните родители. Тинејџерите, меѓутоа, ја разбираат реалноста на окупацијата. Тие знаат што имале и што им било одземено од непријателот. Во арт-терапијата тоа понекогаш се појавува преку цртежи на момчиња кои прикажуваат мртви Руси и Русија во пламен“,
забележува Јериоменко.
Постојат и општи возрасни модели за кои треба да бидат свесни возрасните што се најблиски до детето. Малите деца најмногу се ориентирани кон родител или старател; децата од пониските одделенија се потпираат на доверлив возрасен, како наставник или тренер. Губењето контакт со овие клучни возрасни може да биде трауматично. За тинејџерите, пак, најважни се врсниците.
Тие може да се повлечат, да избегнуваат да излегуваат од дома или од својата соба и да одбиваат да одат во ново училиште по преселбата. Јериоменко нагласува дека е потребна посебна внимателност, бидејќи нетипичното однесување кај тинејџерите може да ги збунува родителите – траумата се преплетува со нормалниот адолесцентен развој.
„Можеби не го сфаќаат тоа или не зборуваат за тоа, но се лути што возрасните не можеле целосно да ги заштитат. Децата ја губат својата основна доверба во светот. Физички можеби ништо не им се случило, но во реалноста нивните животи се промениле длабоко“,
објаснува експертката.
Сашко: „Не нè тепаа, но се чувствувавме како непожелни гости“
„Мојот внук се врати од тринеделен камп на окупираниот Крим, а реакцијата на неговата баба беше дека децата биле третирани како да се од друга раса – непријателски“,
се сеќава бабата на Сашко, Јана.
Јана додава: „Го прашав: ‘Дали ти се допадна?’ – ‘Да.’ Потоа рече: ‘Па, бабо, нема пак да одам.’ Го прашав: ‘Те удрија ли?’ – ‘Не, но се чувствувавме како непожелни гости. Ние бевме од Украина, а тие, како Руси, не беа многу среќни што нè гледаат.’“
Во летото 2023 година, администрацијата на едно училиште во едно од селата во Херсонската Област го однела Сашко и други ученици на окупираниот полуостров. Во тоа време тој бил тинејџер, речиси матурант.
Сашко не сакал да оди во кампот, но неговиот татко се плашел дека детето може да биде одземено, бидејќи претставници на окупациската администрација веќе упатувале такви закани кон луѓе што тој ги познавал. Откако ги проценил ризиците, таткото се согласил, па Сашко бил ставен на списокот на деца за патувањето.
Подоцна ѝ кажал на баба си дека додека биле во кампот, на децата не им било дозволено да им се јавуваат на своите семејства. Сепак, Сашко успеал да најде место со интернет за да испраќа кратки пораки. „Пишуваше, но само накратко: ‘Добро сум’ и ‘Не можам да зборувам’“, се сеќава жената. Тоа било сè што слушнала од него.
Неговата баба вели дека Сашко отсекогаш бил повлечен и дека никогаш не било лесно отворено да се разговара со него. По враќањето, момчето ѝ кажало само дека надзорниците во кампот биле исклучително строги, речиси како во војска. Спомнал и обични тинејџерски караници и задевања, но рекол дека не учествувал во нив. Освен тоа, таа не дознала ништо повеќе.
„Речиси сите овие деца, всушност, доживеале психолошко насилство“
„Кога детето живее под окупација, тоа постои во средина на постојана закана, каде што не се доведува во прашање само неговата безбедност, туку и неговиот идентитет, јазик и односот кон родителите. Во таква средина недостига основното чувство на стабилност и предвидливост што е неопходно за развој на здрава психа“,
објаснува психологинката Натела Дубашидзе.
„Детето е принудено да се приспособи на непријателска средина во која неговите вистински уверувања, или она што го научило дома, може да биде опасно за него. Ова создава двоен живот: надворешно се однесува ‘правилно’ за да преживее, додека внатрешно може да го зачува проукраинскиот идентитет, но го крие“,
додава таа.
Според неа, ова може да доведе до дисоцијација – механизам при кој дел од личноста, оној што се чувствува небезбедно, како да се „замрзнува“.
„Во клиничката психологија ова понекогаш се нарекува ‘емоционално замрзнување’, кога внатрешниот свет на детето е растргнат меѓу тоа што мора да го покажува и тоа што навистина е“,
објаснува Дубашидзе.
Наталија Сосновенко, психолог во хуманитарната организација „Гласови на децата“, од 2023 година работи со семејства и деца кои се вратиле од депортација или од привремено окупирани територии. Таа забележува дека ваквите искуства често предизвикуваат долгорочни акутни стресни реакции кај децата, а во некои случаи и посттрауматско стресно нарушување.
„Тоа е проблем на саморегулација и емоционална свесност. Ако погледнеме подлабоко, речиси сите овие деца, всушност, претрпеле психолошко насилство, затоа што им била одземена можноста слободно да го живеат своето детство“,
вели психологот.
Јериоменко објаснува дека за време на војната често забележувала развојна регресија од две до три години – на пример, децата повторно почнуваат да си ги цицаат прстите, да ги грицкаат ноктите или да зборуваат како бебиња. „Тоа е невообичаено за тинејџери, но е нормална реакција на крајно ненормални околности“, вели таа.
Најчестите проблеми што ги истакнуваат децата кои во различни периоди ја напуштиле привремено окупираната територија или Руската Федерација, и со кои експертите денес работат, се долга адаптација во нова средина, страв, сеќавања на минатото и емоционално повлекување. Сепак, секое дете има уникатно искуство, па психолозите секогаш применуваат индивидуален пристап.
Експертите објаснуваат дека долготрајниот стрес негативно влијае врз когнитивните способности на детето, како што се способноста за помнење и репродукција на информации.
Според психологинката Наталија Сосновенко, многу од овие деца чувствуваат и силен страв, кој може да влијае на нивниот дигестивен и кардиоваскуларен систем. „Како резултат на тоа, може да страдаат од панични напади, вртоглавица, па дури и несвестица“, вели таа.
Децата од окупираните територии чувствуваат дополнителен притисок бидејќи нивните роднини можеби сè уште живеат таму, што ги тера да молчат од страв дека би можеле да им наштетат, вели Наталија Мезина, психологинка во невладината организација „Украинска мрежа за правата на децата“. Ова особено важи кога некој сака нивните приказни да ги објави јавно.
„Луѓето се затвораат во себе и се фокусираат на преживување. Дури и денес, и покрај широко распространетиот интернет и комуникациските алатки, оваа тенденција кон изолација опстојува поради претпазливост. Тие чувствуваат дека молчењето е побезбедно и за нив и за нивните најблиски“,
објаснува Мезина.
Кога се работи со деца кои се враќаат од депортација или од привремено окупирани територии, важно е „да се комуницира смирено“, без да им се посветува претерано внимание, но и без да се игнорираат, забележува Сосновенко. Напуштањето на окупираната територија значи губење дел од себе и од светот на кој некогаш му припаѓале.
„Основна потреба на децата е да бидат прифатени – да припаѓаат на заедница, особено меѓу врсници, каде што можат да се чувствуваат вклучени. За тоа, тие не смеат да се соочат со малтретирање или да се чувствуваат отуѓени. А ќе се чувствуваат отуѓени ако никој не им помогне да се приспособат, затоа што влегуваат во нова средина, се приспособуваат на нова наставна програма, јазик, место и луѓе. Во такви моменти, нивните роднини можеби не можат да им дадат поддршка, бидејќи и самите останале на окупираната територија и им е потребна помош“,
додава Мезина.
Според неа, исто така е многу важно овие деца да се вклучат во активен општествен живот. „Само кога ќе се видат себеси како активни учесници, ќе почнат да се чувствуваат сигурни, независни и способни за понатамошен развој“, вели таа.
На 14 мај 2025 година, украинскиот парламент го усвои Законот бр. 12385 за статусот на дете погодено од вооружен конфликт. Според законот, овој статус се однесува не само на деца кои претрпеле физичка штета поради воените дејствија, туку и на оние кои биле емоционално, психолошки или социјално погодени од војната.
Според Министерството за здравство, неколку организации во Украина им помагаат на децата што се враќаат од окупираните територии во образовните, социјалните, хуманитарните и психолошките потреби. Тие се регистрираат како внатрешно раселени лица и затоа добиваат ист вид поддршка како и возрасните и децата со тој статус.
До неодамна немало посебна државна поддршка наменета исклучиво за оваа категорија деца. Во почетокот на јуни 2025 година, украинската влада воведе еднократна исплата од 50.000 гривни за секое дете што се враќа од депортација, присилно преместување или од привремено окупирана територија во области под контрола на Украина, соопшти Министерството за социјална политика. Министерството исто така истакна дека за секое дете што се враќа се изработува индивидуален план за реинтеграција, кој го вклучува патот до дома и пакет услуги за поддршка, вклучувајќи психолошка помош. Сепак, министерството не прецизира дали постојат државни програми за поддршка и развој за оние кои веќе наполниле 18 години. Министерството за социјална политика сè уште не одговорило на прашањето на „The Reckoning Project“.
Во моментот на подготовка на овој материјал, ниту едно од децата опфатени во него не добивало психолошка поддршка.
Адвокатите од „The Reckoning Project“ го користат терминот „индоктринација“ за да опишат модел на однесување што вклучува група поврзани или меѓусебно поврзани прекршувања на правата на слобода на мислата, образованието, идентитетот и забраната на расна дискриминација.
Руската Федерација е обврзана со повеќе одредби од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права и Конвенцијата за правата на детето, кои ја дефинираат одговорноста на државата да ги почитува и штити правата на децата и во образовните институции и надвор од нив. Правото на образование се темели на принципи како што се достапност, недискриминација, културна релевантност и обврската да се обезбеди соодветен квалитет на образованието.
Отстранувањето на украинскиот јазик од училишните наставни програми, промената на образовните програми и трансформацијата на културната средина во училиштата на окупираната територија може да го нарушат и правото на детето на идентитет, кое опфаќа не само националност, туку и име, семејни врски, јазик и вредности. Формите на индоктринација што поттикнуваат нетолеранција и омраза може да претставуваат и прекршување на забраната за расна дискриминација.
Пишува: Лесја Пинјак
Илустрација: Анастасија Фаизова
Проектот „The Reckoning Project“ е глобален тим од новинари и правници што документира, објавува и изготвува случаи за воени злосторства. Мисијата на организацијата е да го премости јазот меѓу судскиот систем и новинарството, преку обука на истражувачи и новинари за собирање докази погодни за правна употреба. Во изминатите три години, „The Reckoning Project“ има собрано повеќе од 700 потврдени сведоштва, придонел кон поднесоци пред Меѓународниот кривичен суд и доставил докази до повеќе тела на Обединетите нации.
