ЕУ од САД досега добиваше речиси една четвртина од својот течен гас, а новиот план предвидува Американците да го зголемат извозот за дополнителни 15 милијарди кубни метри течен гас оваа година, а во иднина испораките да бидат уште поголеми. Меѓутоа, дали ова ќе биде доволно? Експертите упатуваат на тоа дека ЕУ ќе треба да најде и други производители на гас ако сака да ја намали зависноста на рускиот гас и да ја постигне целта за намалување на увозот од Русија за две третини оваа година

САД и ЕУ потпишаа нов договор за испорака на американски гас за европските земји, со што западните сојузници ќе се обидат да стават крај на зависноста на Европа од руската енергија.
Новиот договор доаѓа на вториот ден од самитот на лидерите на ЕУ во чиј фокус е руската инвазија на Украина поради која ѝ беа наметнати санкции на Русија што, пак, си го зема својот данок – енергетска криза во Европа.
„Се здружуваме за да ја намалиме зависноста на Европа од рускиот гас. Не треба да го субвенционираме бруталниот напад на Путин врз Украина“,
порача американскиот претседател претпладнето на заедничка прес-конференција со претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен.
Фон дер Лајен, пак, го нарече договорот „голем чекор“ кон ставањето крај на зависноста од Москва за енергија.
Двајцата најавија и формирање на заедничката работна група за зајакнување на енергетската безбедност на Украина и ЕУ за наредните зими. Со ова работно тело ќе копретседава претставник на Белата куќа и претставник на ЕК. Ваквата иницијатива веројатно ќе бара и нови капацитети за увоз на гас, но партнерството на западните сојузници ќе биде насочено и кон намалување на зависноста од фосилни горива на долг рок преку фокусирање на енергетската ефикасност и алтернативните извори на енергија.
Според податоците од ЕУ од минатата година, Унијата од САД добива речиси една четвртина од својот течен гас, а новиот план предвидува Американците да го зголемат извозот за дополнителни 15 милијарди кубни метри течен гас оваа година, а во иднина испораките да будат уште поголеми.
Меѓутоа, дали ова ќе биде доволно? Експертите упатуваат на тоа дека ЕУ ќе треба да најде и други производители на гас ако сака да ја намали зависноста од рускиот и за да ја постигне целта за намалување на увозот од Русија за две третини оваа година.
Ова од причина што досегашната зависност е голема. Минатата година ЕУ увезе 155 милијарди кубни метри руски гас, а тоа околу 40 отсто од вкупниот увоз. Само Германија, на пример, увезува околу 55 отсто од својот гас од Русија, а веќе го суспендираше најавеното отворање на новиот гасовод „Северен тек 2“.
Друг голем производител на гас, со кој дел од европските лидери веќе разговараа, е Катар, меѓутоа, Катарците порачаа дека не може да пренасочат драстично поголеми количини гас кон Европа.
Згора на тоа, анализираат западните медиуми, има и ограничена достапност до терминалите за течен природен гас во Европа, кои и така работат со висок капацитет.