Како што истакна Арсовска, од ноември досега, спроведени се градежни активности за асфалтирање на мостот и на дел од улицата, а како што нагласи и самата, сите активности поврзани со овој дел на мостот ќе се завршат до 10 април годинава
Проектот за изградба на мостот на булеварот АСНОМ е од исклучително значење за граѓаните од Аеродром и Гази Баба и ќе се спроведе до крај, иако и самите гледате дека тој што го почнал ни самиот немал однапред испланирано како ќе го заврши затоа што од почеток воопшто не се испланирани соодветно сите фази, рече скопската градоначалничка Данела Арсовска на денешната прес-конференција за проектот за изградба на мостот на АСНОМ.
Таа додаде оти несоодветното планирање на сите фази на проектот се главната причина за моменталните состојби за кои сега активно се изнаоѓаат решенија за нивно надминување.
„Оние што опструираат и пласираат неточни информации дека проектите се стопирани и од ова место ќе ги демантитрам и ќе повторам уште еднаш, како многупати досега, дека ниту еден проект што е добар за скопјани и кој е започнат во нивен интерес нема да биде прекинат“,
истакна Арсовска на прес-конференцијата.
Таа во изјава за новинарите истакна оти ниту еден проект што е започнат од претходното градско раководство не е оставен без проблеми, а за овој проект, како што нагласи, најголемиот проблем се експропријациите.
„Од 2018 година, кога е започнат проектот, имало 139 парцели и 136 објекти што треба да се решат или вкупно 275 постапки за експропријација. За три години успеале да решат 31 предмет, a за 8 влегле во постапка на спор. Ние само за четири месеци решивме 82 предмети”,
додаде градоначалничката Арсовска.
Како што истакна Арсовска, од ноември досега, спроведени се градежни активности за асфалтирање на мостот и на дел од улицата, а како што нагласи и самата, сите активности поврзани со овој дел на мостот ќе се завршат до 10 април годинава, според предвидената динамика.
Спроведувањето тендер за последна фаза во делот кај Ќерамидница, вели Арсовска, ќе се спроведе кон крајот на оваа година, а финалното завршување на булевар АСНОМ со сите три фази се очекува откако ќе се решат сите затекнати проблеми, и тој да биде пуштен во во употреба во втората половина на следната година.
Проектот за изградба на мостот на булеварот АСНОМ кој беше започнат од претходното градско раководство на чело со СДСМ предизвика реакција кај социјалдемократите, откако претходно градоначалничката Арсовска ја прекина изградбата на мостот поради нерасчистени имотно-правни прашања.