Санкции, како што пренесува АФП, се воведени и за одредени британски функционери и новинари. Москва, пренесува агенцијата, санкциите ги воведува поради „непоколебливата воена поддршка“ на Лондон за Киев, како и поради „агресивно спроведување на непријателска антируска пропаганда“
Руските власти денеска соопштија дека вовеле санкции против обвинителот на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, Карим Кан, кој кон средината на март издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин, јавуваат агенциите.
Санкции, како што пренесува АФП, се воведени и за одредени британски функционери и новинари.
Москва, пренесува агенцијата, санкциите ги воведува поради „непоколебливата воена поддршка“ на Лондон за Киев, како и поради „агресивно спроведување на непријателска антируска пропаганда“.
На списокот на лица кои се под санкции на Москва се додадени вкупно 54 британски државјани, соопшти руското министерство за надворешни работи.
Обвинителот Карим Кан од Меѓународниот кривичен суд се најде на удар на Москва откако кон средината на март издаде налог за апсење на Владимир Путин, обвинувајќи го рускиот претседател за воено злосторство, односно за незаконска депортација на илјадници украински деца од воени области на Украина во Русија.
Москва ги отфрли ваквите обвинувања и кон средината на мај возврати со контрамерка, ставајќи го обвинителот на листата на барани лица во Русија.
На мета на новите санкции се британската државна секретарка за култура, медиуми и спорт Луси Фрејзер, која активно се залага за меѓународна спортска изолација на Русија и британската заменик-министерка за одбрана Анабел Голди, која е одговорна за испорака на оружје за Украина.
Санкционирани се и новинари од Би-би-си, Гардијан и Дејли Телеграф, кои Москва ги обвинува дека биле вмешани во ширење лажни информации за Русија и поддршка на информативни и пропагандни активности на Киев.
Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, Лондон е еден од главните финансиски и воени сојузници на Киев, што наидува на остри критики од Москва.