На вежбата БАЛТОПС 25, која почнува утре (5 јуни), ќе учествуваат шеснаесет земји членки на Алијансата, со повеќе од 40 брода, 25 авиони и речиси 9 000 лица воен персонал
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко ги оцени претстојните вежби на НАТО во Балтичкото Море како дел од подготовките на Алијансата за можен конфликт со Русија, објави новинската агенција ТАСС.

„Ја оценуваме воената активност на НАТО како дел од подготовките за воени конфликти со Русија… Ако ги погледнеме фокусот на тие вежби, концептот, структурата на распоредените сили, самите единици, нивниот квалитет, одредени цели, може да се каже дека станува збор за борба против непријател со споредлива сила“,
изјавил Грушко.
Годишната вежба на НАТО (БАЛТОПС 25) во Балтичкото Море и околните региони треба да започне утре (5 јуни 2025г.).
Како што соопшти завчера Шестата флота на САД и Поморските сили за удар и поддршка на НАТО во вежбата БАЛТОПС, инаку 54. по ред, ќе учествуваат шеснаесет земји членки на Алијансата, со повеќе од 40 брода, 25 авиони и речиси 9 000 лица, воен персонал.
Вежбата, се наведува во соопштението, им дава на сојузниците на НАТО единствена можност да тренираат заедно, да ја зајакнат интероперабилноста и да демонстрираат колективна подготвеност за одбрана на Алијансата и зачувување на слободата на навигација во регионот.
„Овогодинешниот БАЛТОПС е повеќе од само вежба. Тоа е видлива демонстрација на решителноста, приспособливоста и поморската сила на нашата Алијанса… Додека ја одбележуваме 75-годишнината од НАТО, БАЛТОПС ја покажува нашата способност да дејствуваме заедно како една обединета сила низ целиот спектар на поморски операции“,
рекол вицеадмиралот Џеј-Ти Андерсон Андерсон, командант на Шестата флота на САД и поморските сили за удар и поддршка на НАТО на прес-конференцијата во понеделникот.
Земји членки на НАТО што ќе учествуваат на вежбата се Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Италија, Латвија, Литванија, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Шведска, Турција, Обединетото Кралство и САД.
Како што се наведува, силите на НАТО во рамките на БАЛТОПС ќе спроведат вежби и обуки за широк спектар способности, вклучително амфибиски операции, артилериско оружје, воздушна одбрана, противподморничко војување, контрамерки против мини, отстранување на експлозивни направи и медицински одговор.