„Турски тек“ е гасовод кој води од Русија до Турција. Почнува од компресорската станица „Рускаја“ во близина на Анапа во рускиот регион Краснодар и минува низ Црното Море до терминалот за прием во Кијикој во северозападна Турција
Русија денеска соопшти дека Украина се обидела да нападне компресорска станица што го снабдува гасоводот „Турски тек“.
Руското Министерство за одбрана објави дека противвоздушната одбрана соборила девет украински беспилотни летала кои се движеле кон компресорската станица „Рускаја“ во јужната Краснодарска Област на Русија.
„Беше наведено дека нема жртви меѓу персоналот стациониран на станицата, иако инфраструктурата претрпе мала штета поради фрагменти од соборените дронови. Екипите за итни случаи на ПЈС ‘Газпром’ веднаш ги елиминираа последиците од паѓањето на отпадот, а опремата е обновена“,
се вели во соопштението на Министерството.
Оттаму додаваат дека нема прекини во работата на станицата и дека целта на нападот била да се запре испораката на руски гас за европските земји.
Украинските власти сè уште не ги коментирале руските тврдења. „Турски тек“ е гасовод кој води од Русија до Турција. Почнува од компресорската станица „Рускаја“ во близина на Анапа во рускиот регион Краснодар и минува низ Црното Море до терминалот за прием во Кијикој во северозападна Турција.
Овој гасовод се состои од два крака од 930 километри, кои се протегаат од Русија до Турција преку Црното Море, и посебен крак по копно од 142 и 70 километри. Првиот крак со капацитет од 15,75 милијарди кубни метри е наменет за снабдување на домашните корисници во Турција, а вториот со уште 15,75 милијарди кубни метри го транспортира рускиот гас понатаму во Југоисточна и Централна Европа.
„Турски тек“ беше официјално отворен на 8 јануари 2020 година, а неговата изградба започна во мај 2017 година.
