„Несомнено, голем број земји заинтересирани за продолжување на конфликтот ќе вложат титански напори да ја попречат планираната средба меѓу претседателот Путин и претседателот Трамп“, изјави специјалниот претставник на Путин за економска соработка со странски земји, Кирил Дмитриев
Одредени држави ќе вложат титански напори да го попречат состанокот што претседателот на САД, Доналд Трамп, најави дека ќе го одржи со рускиот претседател Владимир Путин на 15 август, изјави денеска специјалниот претставник на Путин за економска соработка со странски земји, Кирил Дмитриев.

„Несомнено, голем број земји заинтересирани за продолжување на конфликтот ќе вложат титански напори да ја попречат планираната средба меѓу претседателот Путин и претседателот Трамп“,
напиша тој во објава на Телеграм, прецизирајќи дека под напори мисли на провокации и дезинформации.
Дмитриев не прецизираше на кои земји мисли или какви провокации би можеле да преземат.
Претседателот на САД, Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин ќе се сретнат следниот петок (15 август) во Алјаска. Најавата за средбата ја објави Трамп на социјалните мрежи велејќи дека Русија и Украина се блиску до договор за прекин на огнот, со што би можела да заврши три и полгодишната војна. Претходно, тој изјави дека можниот договор веројатно ќе вклучува и размена на територии.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека нема да направи никакви територијални отстапки кон Русија, повторувајќи дека Украина мора да биде вклучена во секое решение за мир.