„Фајненшл тајмс“ објави дека навигацискиот систем на авионот во кој летала Урсула фон дер Лајен се расипал за време на слетувањето во Бугарија, а тројца службеници запознаени со инцидентот изјавиле дека постои сомневање за вмешаност на Русија
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, негира дека официјална Москва била вмешана во блокирањето на ГПС-сигналот на авионот во кој се превезувала претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, додека вчера прелетувал над Бугарија.

„Вашите информации се неточни“,
изјави портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков.
Неговиот коментар уследи откако претходно денеска „Фајненшл тајмс“ објави дека навигацискиот систем на авионот во кој летала Урсула фон дер Лајен се расипал за време на слетувањето во Бугарија, принудувајќи ги пилотите да се ориентираат според хартиени мапи за слетување на аеродромот во Пловдив.
Тројца службеници запознаени со инцидентот за „Фајненшл тајмс“ изјавиле дека постои сомневање за руско попречување на сигналот.
Претседателката на ЕК пристигна во Бугарија од Варшава за да се сретне со премиерот Росен Жељазков и за да посети фабрика за муниција. Целта на обиколката на источната граница на ЕУ беше да се разговара за зајакнување на одбранбената подготвеност на блокот по руската агресија во Украина.