Русија го оцени потегот на САД како обид за нанесување штета на руската енергетика по секоја цена, дури и под ризик на дестабилизација на глобалните пазари
Министерството за надворешни работи на Русија ја осуди одлуката на актуелната администрација на САД за воведување санкции против рускиот енергетски сектор во целина, како и против неколку големи компании, но и лични санкции против раководството и службеници од руското Министерство за енергетика.

Официјална Москва најави одговор на, како што се вели во соопштението на руското МНР, непријателските акции на Вашингтон, додавајќи дека ќе бидат земени предвид. Потегот на САД оттаму го оценуваат како обид за нанесување штета на руската енергетика по секоја цена, дури и под ризик на дестабилизација на глобалниот пазар.
„И покрај конвулзиите во Белата куќа и маневрите на русофобичното лоби на Западот, кои сакаат да го вовлечат глобалниот енергетски сектор во хибридната војна против Русија иницирана од САД, нашата земја останува и ќе продолжи да биде клучен и сигурен играч на глобалниот пазар на гориво“,
се наведува во соопштението на руското МНР.
Москва оценува дека одлуката за санкции на рускиот енергетски сектор, која доаѓа во последните денови од мандатот на претседателот Џо Бајден, е обид на американската администрација во заминување да создаде максимални пречки во билатералните економски односи.
Администрацијата на претседателот Џо Бајден во петокот објави дека ги проширува санкциите против енергетскиот сектор на Русија, нарекувајќи ги како најзначајни досега против московскиот сектор за нафта и течен природен гас, двигател на руската економија. Официјални лица рекоа дека санкциите со кои се казнуваат субјектите кои работат со Русите, имаат потенцијал да ја погодат руската економија со милијарди долари месечно.
