„Полска ги активира сите расположливи сили и ресурси со кои располага, дежурните борбени авиони беа подигнати, а копнените системи за воздушна одбрана и радарско извидување се на највисока состојба на подготвеност“, објави оперативната команда на земјата
Силни експлозии рано утрово одекнале во главниот град на Украина, Киев и други градови откако руските сили извршиле нов масовен напад на земјата, најголем по оној во август, целејќи на украинските електроенергетските капацитети, објави Ројтерс.
Инаку, Украинците со недели се подготвуваа за голем напад на енергетската инфраструктура на земјата плашејќи се од оштетувања на мрежата што може да доведе до долги прекини на струја и да создаде психолошки притисок во критичен момент од војната што Русија ја започна во февруари 2022 година.
„Во тек е уште еден масовен напад врз електроенергетскиот систем. Непријателот ги напаѓа капацитетите за производство и пренос на електрична енергија низ Украина“,
напиша на Фејсбук украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко.
Во текот на ноќта, според агенциите, можело да се слушне дејствувањето на украинската противвоздушна одбрана над главниот град, а серија силни експлозии одекнале низ центарот на Киев.
Засега нема прецизни информации за обемот на предизвиканите штети.
Украинските власти го прекинале снабдувањето со електрична енергија во повеќе градови, вклучително и во Киев и регионот Днепропетровск поради претпазливост.
Властите во регионот Волин во северозападна Украина соопштиле за штети на енергетската инфраструктура, без да наведат повеќе детали.
Според информациите, во Миколаев, на југот на земјата, две лица биле убиени во напад со беспилотно летало во текот на ноќта, изјавил регионалниот гувернер.
Експлозии имало и во југоисточниот град Запорожје и црноморското пристаниште Одеса, изјавиле очевидци за Ројтерс. Повеќе експлозии биле пријавени во регионите Криви Рих на југ и Ривне на запад.
„Русија изврши еден од најголемите воздушни напади со беспилотни летала и проектили против мирни градови, цивили кои спиеја и критичната инфраструктура“,
изјавил украинскиот министерот за надворешни работи Андриј Сибиха.
Тој го опиша нападот како „вистински одговор“ на Москва кон западните партнери кои неодамна разговарале со рускиот претседател Владимир Путин, притоа јасно алудирајќи на германскиот канцелар Олаф Шолц, кој во петокот телефонски разговарал со Путин.
Членката на НАТО, Полска, која граничи со Украина на запад, соопшти дека ги подигнала своите воздухопловни сили во нејзиниот воздушен простор како мерка на претпазливост поради рускиот напад, во кој, според Варшава, руските сили користеле крстаречки и балистички ракети, како и беспилотни летала.
„Полска ги активира сите расположливи сили и ресурси со кои располага, дежурните борбени авиони беа подигнати, а копнените системи за воздушна одбрана и радарско извидување се на највисока состојба на подготвеност“,
објави оперативната команда на земјата.
Според градските власти во Киев, најмалку две лица се повредени во нападите, а паднати остатоци запалиле кров од станбена заграда.
„Итната помош е испратена на местото на настанот“,
рекол градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
Русија последен пат изведе голем ракетен напад врз Киев на 26 август, кога според официјални лица беа употребени повеќе од 200 беспилотни летала и проектили низ целата земја, при што загинаа седум лица.