Во близина на дупката каде што било најдено телото на Жежовски кај Велес била најдена чаура од куршум со овој калибар, за кој вештачењето покажало дека е произведен од „Сувенир” во 2002 година. Кај Вања при обдукцијата бил најден проектил со калибар од 9 милиметри. На изведувањето на овие докази приговараше првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо, кој кажа дека доказите не укажуваат дека има негови папиларни линии, односно отпечатоци од прсти
Од направените вештачења во текот на истрагата било утврдено дека во возилото „рено кангу“, кое покрај „ситроенот“ на Жежовски било користено дента кога била грабната и убиена Вања, биле пронајдени траги од обвинетите Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски
Љупчо Палевски-Палчо, првообвинет за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, на денешното рочиште поднесе барање за изземање на судијата Ивица Стефановски, кој претседава со судскиот совет и го води предметот во Основниот кривичен суд Скопје.
Барањето за изземање на судијата дојде пред крајот на рочиштето, а го образложи самиот Палевски. Тој, обраќајќи се пред Судот, рече дека претседателот на судечкиот совет одбива да издаде наредба за прибирање одредени податоци од Секторот за внатрешни работи Велес, а кои, како што кажа, и одбраната ги бара за потребите на постапката.
Тие, односно неговата одбрана, рече Палевски испратиле барање до СВР Велес за податоците, но оттаму биле упатени до Судот да издаде наредба.
Но, и по 10 рочишта и поминати 30 месеци, како што кажа Палевски, претседателот на судечкиот совет одбива да го стори тоа и за тоа бара тој да биде изземен од водењето на постапката.
„Ние 90 дена мора да чекаме милост од претседателот на судечкиот совет за доставување податоци за потребите на одбраната“,
рече Палевски.
Тој освен за судијата имаше забелешки и за однесувањето на Основното јавно обвинителство Скопје и Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје и обвини дека постои спрега меѓу овие три институции за монтирање на случајот.
Судијата Ивица Стефановски го нотира барањето на Палевски за негово изземање, а за кое одлука треба да донесе претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев.
Инаку, на денешното рочиште од судскиот процес за грабнувањата и убиствата на малолетната Вања и 74-годишниот Панче Жежовски се изведуваа материјални докази на Обвинителството.
Нив ги презентираа обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска и нејзината помошничка, а она што можеше да се слушне во судницата станува збор за мачни и морничави наоди, кои се обезбедени во текот на истражната постапка.
Обвинителката, наведувајќи ги по број и кратко образложувајќи дел од нив, презентира околу 180 материјални докази од вкупно 197.
Она што беше презентирано на денешното рочиште се однесуваше на локациите каде што биле најдени жртвите, наодите од увидите на истражните органи, најдените траги, обдукциските наоди, психијатриските вештачења и дел од телефонската комуникација на обвинетите и локацијата на нивните телефони во критичните денови.
Траги од обвинетите
Дел од доказите на Обвинителството што беа изведени посочуваат дека и Вања и Панче биле усмртени со истрели во главата со куршуми со ист калибар од 9 милиметри. Во близина на дупката каде што било најдено телото на Жежовски кај Велес била најдена чаура од куршум со овој калибар за кој вештачењето покажало дека е произведен од „Сувенир” во 2002 година.
Кај Вања при обдукцијата бил најден проектил со калибар од 9 милиметри. На изведувањето на овие докази приговараше првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо, кој кажа дека доказите не укажуваат дека има негови папиларни линии, односно отпечатоци од прсти.
На ова судијата Ивица Стефановски кажа: „Ако има папиларни линии од вас, сигурно ќе бидат истакнати”.
Од друга страна, од направените вештачења во текот на истрагата било утврдено дека во возилото „рено кангу“, кое покрај „ситроенот“ на Жежовски, било користено дента кога била грабната и убиена Вања, биле пронајдени траги од обвинетите Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски. На догорчињата од цигари биле најдени траги од Кешивов и Боре Видевски, а имало траги и на пластично шише со вода.
Еден од доказите што беше изведен се однесуваше на анализа на ДНК-траги од самолепливата лента која била на устата на девојчето.
Анализата утврдила дека на неа има мешани траги од ДНК, од кои едните се на девојчето, а другите, со голема веројатност, како што кажа обвинителката, одговараат на обвинетиот Велибор Манев. Беа изведени докази од обдукцијата, а кои укажуваат на начинот на кој биле усмртени двете жртви.
Вања била убиена од непосредна близина, додека клечела на колена
Во девојчето било пукано од непосредна близина. Вања била жива во тие моменти, а позицијата на нејзиниот егзекутор била зад неа и надесно. Остатоците од кал на нејзините чевли укажуваат дека била на влажен терен. Дополнително, трагите од кал на колената покажале дека девојчето клечело во тие моменти.
Обдукцијата, исто така, утврдила дека нема траги од задушување кај девојчето.
Според наодите за Панче Жежовски, тој кога бил застрелан и убиен бил во исправена полунаведната положба, со главата свиткана надолу.
Психијатриското вештачење на обвинетите покажало дека тие во секој момент од дејствијата биле пресметливи.
Во однос на жртвите Вања и Панче, повикувајќи се на психијатриските наоди, таа рече:
„Двете жртви претрпеле тешко психичко страдање со силен интензитет”.
Анализа на телефонската комуникација
Анализата на телефонските броеви покажала дека нема директна комуникација меѓу Палевски и обвинетиот Ѓорчевски.
На 22 ноември лани, кога исчезна Жежовски, телефоните што ги користеле Палевски и Кешишев зрачеле на базни станици во Скопје, а на обвинетите Манев и Видевски во Велес.
„Овие броеви тој ден не остваруваат комуникација. На 27.11.2023 година (кога била грабната и убиена Вања), исто така, броевите на Палевски и на Кешишев зрачат во Скопје, а на Манев и Видевски во Велес и не остваруваат меѓусебна комуникација“,
рече обвинителката.
Таа најави дека наодите за комуникацијата и заклучокот ќе ги образложи во завршните зборови од постапката.
Во врска со телефонската комуникацијата, при презентирањето на материјални докази, меѓу другото, можеше да се слушне и дека обвинетиот татко на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се товари за помагање, критичниот ден и по него комуницирал само со сопругата, двете ќерки и со двајца полициски службеници, како и со сведокот Гоце Трајковски.
За адвокатот Владимир Туфегџиќ, кој му е бранител на Ѓорчевски, ова докажува дека неговиот клиент постапувал исклучиво по напатствијата на полициските службеници со кои разменувал видеоматеријали и имал комуникација во таа насока.
„Самите сте сведоци дека јавниот обвинител потврди дека во критичниот период има доказ дека Александар контактирал исклучиво само со Зорица, Вања и со Миња и на тоа сведе сè. Ние од наша страна, јас како бранител очекувам да се изведе уште еден доказ што го предложивме во доказна постапка, а тоа се новинарски извештаи објавени неколку часа по објавата на мајката на социјалните мрежи за исчезнатото дете. Доказот се однесува тоа кој прв ја информирал јавноста за тоа дека се сомнева дека девојчето е киднапирано. Останува уште тоа и да се сослуша Александар и за нас како одбрана доказната постапка заврши и судот може да донесе своја одлука“,
рече Туфегџиќ по завршувањето на денешното рочиште.
Следното рочиште судијата Стефановски го закажа за 20 јануари, а во меѓувреме, како што кажа, ќе се направат обиди и за обезбедување на сведокот Гоце Трајковски, кој е недостапен за органите на прогонот.