Британската агенција за безбедност на здравјето предупреди дека голема епидемија на морбили во Лондон, според постојните модели, би можела да доведе до бројка меѓу 40 000 и 160 000 случаи на зараза. Се проценува дека стапката на хоспитализација, во зависност од возраста на заболените, би изнесувала од 20 до 40 проценти
Британскиот премиер Кир Стармер предупреди дека јавното здравство не е културолошка војна и ги повика родителите да проверат дали ги вакцинирале своите деца по појавата на морбили (мали сипаници) во северен Лондон, каде што заразата се шири низ училиштата.

Во градската општина Енфилд, од 1 јануари до 9 февруари, се потврдени 34 случаи, што е повеќе од една третина од вкупно 96 случаи регистрирани во Англија оваа година, пишува Скај њуз.
Според податоците од локалната амбуланта, едно од пет деца заразени во неодамнешната епидемија морало да биде хоспитализирано, а сите тие деца не биле целосно вакцинирани. Заразата е потврдена во најмалку седум училишта во општините Енфилд и Харингеј, а лекарите предупредуваат дека болеста се шири.
„Загрижувачки е да се гледаат сè повеќе деца кои заболуваат од морбили. Вакцините се безбедни, ефикасни и можат да спасат животи. Ги повикуваме сите родители да проверат дали нивните деца ги примиле сите препорачани вакцини“,
напиша Стармер на социјалната мрежа Икс.
Британскиот премиер порача дека Обединетото Кралство од своите лидери очекува цврсто да застанат зад науката за да ги заштитат децата, а не да им даваат ветер во грб на теориите на заговор.
„Јавното здравство не е културолошка војна. Овде се работи за безбедноста на нашите заедници“,
додаде тој.
Морбилите се многу заразна вирусна болест која лесно се шири меѓу невакцинираните лица, како кај децата така и кај возрасните. Вирусот предизвикува симптоми слични на настинка, исип и дамки во устата. Иако повеќето целосно закрепнуваат, болеста може да доведе до сериозни компликации како воспаление на белите дробови, воспаление на мозокот и, во ретки случаи, до траен инвалидитет или смрт.
Британската агенција за безбедност на здравјето предупреди дека голема епидемија на морбили во Лондон, според постојните модели, би можела да доведе до бројка меѓу 40 000 и 160 000 случаи на зараза. Се проценува дека стапката на хоспитализација, во зависност од возраста на заболените, би изнесувала од 20 до 40 проценти.
Велика Британија во 2024 година го изгуби статусот на земја во која морбилите се искоренети, а падот на стапката на вакцинација предизвикува страв од ширење на вирусот. Дуду Шер-Арами, директорка на јавното здравство за Енфилд, за „Сандеј тајмс“ изјави дека Лондон има една од најниските, ако не и најниска стапка на имунизација во земјата, што го прави главниот град особено чувствителен на епидемија.
Вакцината против морбили, заушки и рубеола (МРП) во Велика Британија е достапна од 1988 година. Првата доза обично се дава на децата со наполнета една година, а втората на возраст од три години и четири месеци. Пропуштените дози можат да се надополнат во договор со матичен лекар.
