Адвокатка на лицето Х, кое ја доби тужбата против државата пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, Наташа Бошкова, во коментар за забелешките посочува дека предлог-законските измени уште во првиот член предвидуваат дека државата ќе го признае правното признавање на родот во сите области во процедура регулирана со закон. Тоа, рече адвокатката, значи дека ќе има дорегулирање во секоја област

Што ќе се случи ако недеклариран геј оди во машки затвор и дали хипотетички може да злоставува таму, е дел од одговорот на пратеничката од ДОМ Маја Морачанин на, како што ги нарекува, апсурдните забелешките на дел од пратеници за предлог-измените на Законот за матична евиденција со кои се предвидува правна процедура за промена на родот.
Дел од забелешките кои можеа да се слушнат изминатите денови се дека ваквите законски измени, кои Владата ги повлече, може да донесат злоупотреби, на пример, во судски постапки каде осудено лице во прв степен ќе го промени родот пред предметот да оди на апелација, во извршувањето санкции, па мажи ќе одат во женски оддели или во спортот, каде мажи би играле во женски екипи.
Морачанин, која вечерва беше гостинка во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, вели дека ваквите забелешки се должат, пред се, на генералната нетолеранција и на сè уште присутните предрасуди во нашето општество кон ЛГБТИ заедницата, а пред сè, кон трансродовите лица.
„Еве јас вака одговорив на еден пратеник во неформален разговор за тоа што ќе се случи ако трансродово лице го смени полот во евиденцијата и служи казна затвор наместо во машки, во женски затвор. Апсурдни се тие забелешки, немало таков случај, но еве хипотетички: Што ќе се случи ако некој е недеклариран геј? Во каков затвор оди, во машки? Може ли, хипотетички, да злоставува, сексуално да вознемирува? Значи, апсурдни се овие прашања и обратно. Ако мене не ми пишува во личната карта сексуална ориентација, родов идентитет или слично, дали тоа значи дека јас сум посоодветна или дека нема да посегнам по сексуално вознемирување или дискриминација? Тоа, едноставно, не е така“,
кажа Морачанин во емисијата „360 степени“.
Правната советничка на Коалицијата Маргини и адвокатка на лицето Х кое ја доби тужбата против државата пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, Наташа Бошкова, пак, во коментар за забелешките посочува дека предлог-законските измени уште во првиот член предвидуваат дека државата ќе го признае правното признавање на родот во сите области во процедура регулирана со закон. Тоа, рече адвокатката, значи дека ќе има дорегулирање во секоја област.

„Она што сакам да го потенцирам во опозиција на она што се вели дека денес ќе менува род за да се злоупотреби некаква процедура, е писмото на лицето Х и на многу други трансродови луѓе кои јавно зборувале за овие прашање, а тоа е колку е тешко да се донесе одлуката и да се почне постапката за промена на ознаката за пол. Тоа е долг процес на борба внатре со себе, со семејството, со опкружувањето пред да влезете во процедура да се соочите и со институциите. Започнувањето на таа постапка значи губење на семејството, на правата што сте ги имале до тогаш, губење на социјалниот круг кој би бил некаква положба, па дури и изложување на насилство, пред се, семејно насилство“,
рече Бошкова во емисијата „360 степени“.