За сè што правам го следам мојот инстикт, интуиција. Ништо не правам со калкулации – вели интервентниот кардиолог

Кардиологот Сашко Кедев, кој го обзнани случајот со медицински неоправдани операции на срце, вели дека е исклучително важно што имаме добра кардиохирургија во државата, но дека тој историски успех – да добиеме македонска кардиохирургија, не треба некој да го злоупотребува за да го исцеди Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) на штета на другите гранки. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Кедев беше прашан и дали со неговите изјави сака да им наштети на приватните болници во кои се изведуваат кардиохируршки и васкуларни интервенции на товар на ФЗО.
„Тоа апсолутно не е точно. Мојот основен мотив во животот е чиста мотивација. За сè што правам го следам мојот инстикт, интуиција. Ништо не правам со калкулации. Така што и оваа активност дојде спонтано. Без никаква претходна најава. Дури мислам дека и новинарот што го водеше интервјуто со мене се изненади и на крај и тој влезе во некои вакви конспиративни шеми, а инаку нема никаква основа за сето тоа. Значи, во однос на мотивацијата, дефинитивно нема ништо“, вели интервентниот кардиолог.
Едно од следните прашања до Кедев беше дали се остварија најавите од една од приватните болници дека ќе го тужат ако не каже конкретно на кого мислел кога јавно изјави дека се прават непотребни операции на срце.
„Апсолутно не, ама тоа е толку чиста работа и тие знаат дека не се во право. Значи, знаат сите, и двете приватни болници знаат дека имаат и прифаќаат непотребни пациенти и непотребни интервенции на пациенти. Значи, тоа не е спорно. И тие го знаат сето тоа. Овие случаи се толку еклатантни што се неодбранливи. Нема шанса да ги одбранат и сега ние ќе навлеземе во некоја фаза на калкулации. Дали оваа комисија била објективна, дали странската, кој ќе ја правел, па ние ќе донесеме странци“, вели тој.

Кедев смета дека државната кардиохирургија досега не стана конкурентна како што се приватните болници затоа што добива доволно поддршка.
„И има одлевање, пред сè одлевање на трениран кадар. Значи, во моментот најмногу недостасуваат кардиоанестезиолози, коишто ги имало претходно, огромен дел се заминати во други болници, во приватни, во странство и тука ако сакаат нашите здравствени авторитети да го решат ова, многу е едноставно. На пример, ние сега се соочуваме со проблем на трансфер на кадри. Имаме анестезиолози коишто сакаат да дојдат на државна кардиохирургија, меѓутоа од формални административно-правни проблеми не се реализира тоа. За мене тоа е неприфатливо. Тоа е доказ дека некој не сака да имаме јавно здравство“, вели тој.
Според него, суштинското прашање е дали ќе имаме јавно здравство или приватно здравство зашто „овој хибриден режим е несоодветен“.
