Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, кардиологот Сашко Кедев зборуваше за главните причини за појава на кардиоваскуларни болести и што може да се направи превентивно

„360 степени“: Рековте имаме одлична кардиохирургија, тоа е добра вест за државата, имаме одлична интервентна кардиологија, исто така одлична вест, но очигледно имаме и многу пациенти. Зошто, не живееме здраво?
Сашко Кедев: Дефинитивно. Нашиот народ не е спремен многу да инвестира во сопственото здравје. Мене ме радува фактот што помладите генерации имаат повисоко ниво на свесност и мислам дека е во растечки тренд тој соодветен однос кон себе. Бидејќи ние ако не сме одговорни кон себе и сопственото здравје, тогаш е многу тешко за другите.
„360 степени“: Што е број еден фактор за кардиоваскуларни болести?
Сашко Кедев: Мајорни ризични фактори се пушење, покачен крвен притисок, шеќерна болест и покачено ниво на холестерол во крвта. Значи таа дислипидемија. Тие се мајорните ризични фактори и, за среќа, ние можеме сигнификантно да делуваме на тие мајорни ризични фактори. На пример, за хипертензија јас повеќе го потенцирам тој факт – артериска хипертензија, кај многу, не кај сите, меѓутоа кај огромен број пациенти ќе се подобри статусот на хипертензија ако драстично се намали внесот на сол. Значи, внесот на сол е еден од основните механизми со којшто можеме да ја контролираме хипертензијата кај голем број наши пациенти.
„360 степени“: Со пушењето не ни оди добро како држава. Имаше еден обид, законот профункционира вака или така, не се пушеше на јавни места, но во меѓувреме се смени. И сега практично пак речиси секаде се пуши. Треба ли да се прави јавен притисок тоа да се менува?
Сашко Кедев: Сигурно. Јас сум голем поддржувач на тоа и сметам дека имаме ретроградни процеси тука. Имавме една фаза кога имавме еден добар закон којшто функционираше, го почитуваа сите или најголем дел од граѓаните, меѓутоа сега за жал се наоѓаме во една многу ретроградна фаза кога тоа не се случува. Ако видите во рестораните, насекаде се пуши. Тоа е, за жал, многу несоодветно и кога можеше една Турција којашто важи за колепка на култот кон пушењето да спроведе таков закон и да го спроведува, ние мора да направиме нешто, сите заеднички да се вратиме кон тие ставови.
„360 степени“: Има ли резултати во Турција?
Сашко Кедев: Дефинитивно, дефинитивно во Турција, јас колку што знам, законот многу добро се спроведува.

„360 степени“: Што е со алкохолот?
Сашко Кедев: Тоа е многу деликатно прашање. Меѓутоа, од медицински аспект веќе се менуваат стандардите. Нашите препораки порано беа дека е препорачливо чаша до две алкохол, една за жени, две за мажи и дека дури може да биде поволно за кардиоваскуларниот систем. Последните препораки, значи ова се препораки што ги носи експертски конзорциум, базиран на медицина базирана на докази, и според тие европски препораки, нема безбедна количина алкохол што можеме да му ја препорачаме на пациентот. Кај алкохолот проблемот е социјалната димензија на тој процес. И тоа е проблем и е многу тешко да се менува тој менталитет. Меѓутоа, според мене, би било можеби најдобро секој да најде начин, ако не може да се откаже, да го намали внесот на алкохол и најверојатно во иднина ако поживееме подолго, ќе доживееме дека алкохолот ќе биде третиран како пушењето. Најверојатно, бидејќи овие податоци потекнуваат од големите дата-бази. Значи, тоа се на стотици милиони осигуреници кога се анализираат. И овие се тие податоци. Кај одредени студии има најдено корисен ефект на црвено вино на пример во мали количини, тоа е неспорно, меѓутоа ако се видат големите дата-бази на стотици милиони луѓе, тогаш нема баш поволни резултати.
„360 степени“: Вие лично се напивате ли некогаш чашка-две?
Сашко Кедев: Па, порано сум консумирал чаша-две, во умерени количини, секогаш во умерени количини, меѓутоа неколку години сум на нула. Така што воопшто не консумирам алкохол.
„360 степени“: Тоа е поврзано со некаква конкретна ситуација или?
Сашко Кедев: Не, на експедициите на коишто одев, таму нема достапност на алкохол и кога е човек сам со себе, на некој начин, сфаќа што му треба, а што не му треба. Што е битно, што не е битно. И тогаш сум сфатил дека воопшто немам потреба од алкохол и така спонтано дојде сето тоа. Меѓутоа, секој треба индивидуално да најде решение на тоа. И сега од оваа перспектива ги разбирам и луѓето коишто од религиозни причини не пијат, дека тие луѓе не е дека се многу религиозни па не пијат алкохол и се стегаат да не пијат, а им се пие. Значи, тие се одвикнати и не им се пие. А знам многу религиозни луѓе на коишто соодветната религија не им дозволува, но си консумираат. На пример, на експедициите во Пакистан, оваа држава е доминантно муслиманска земја, знам многу религиозни алпинисти од Пакистан коишто си пиеја алкохол.
