Златкова рече дека со нетрпение го очекуваат обвинителниот акт за осомничените полициски службеници во врска со „Пулс“, за кои истрагата ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК)
Мора да има правда за нашите убиени деца. Никогаш не треба да ги заборавиме овие деца, ако сакаме да имаме држава. Овие деца заслужуваат правда. Ова пред почетокот на денешното второ рочиште од судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани го кажа Јулија Златкова, мајка на Томас Златков, кој загина во трагедијата.

Во црна маица со ликот на нејзиниот трагично загинат син, таа пред новинарите кажа дека по првото рочиште, минатата недела, и се родила искра надеж дека правдата е можна, а тоа, како што додаде, доаѓа од судијката и воведниот говор на Обвинителството.
„Повеќе од осум месеци ние родителите на починатите деца живееме во агонија. Кај мене кога заврши првото рочиште се појави една искра на надеж, а причината е воведниот говор на судијката. Ние родителите на починатите деца бараме само правда. Од тој кобен 16 март, и на почетните маршеви и денес велам дека никој од нас не растел дете за да стане херој, туку за да стане човек. За жал, нашите деца ја платија цената на овој корумпиран систем“,
рече Златкова.
Таа кажа дека ниту едно семејство што изгуби дете не е дел од тој корумпиран систем, но ја плаќаат цената за трагедијата. Се осврна и на адвокатите на обвинетите. Рече оти и е јасно дека по закон тие треба да имаат бранители, но она што е чудно, како што кажа, е тоа што голем дел од адвокатите се од Кочани.
Златкова во тој контекст рече дека барајќи правда, учат оти во нивниот град живеат многу корумпирани луѓе.
„Дали немате малку совест и чувство на емпатија кога ќе нè погледнете нас, семејствата на убиените деца, колку тагуваме по нив или немате чувство на емпатија дека убија ваши сограѓани“,
кажа мајката.
За нејзиниот трагично загинат син, Томас Златков, кажа дека бил трета година на факултет, отсек Квалитет и безбедност на храна, и сакал да биде инспектор.
„Да не го убиеја, сигурна сум дека ќе беше инспектор и ќе работеше совесно, а не како овие инспектори кои сега се на обвинителна клупа. Тагуваме ние родителите и неговиот брат затоа што насилно и на другите им ги одземаа животите“,
вели таа.
Затоа, додаде, родителите на убиените деца бараат правдата да има имиња и презимиња и сите кои несовесно постапувале да одговараат по закон.
Таа праша:
„Кој му дозволи на монструмот да го задуши, да го убие моето дете и сите останати деца? Кој му помогна во тоа злосторство, син му, брат му, обезбедувањето, полицајците, градоначалниците, инспекторите од сите институции, министрите. Извинете, ама не ве набројав сите, премногу сте. Ова не е убиство, ова е геноцид“.
Златкова рече дека со нетрпение го очекуваат обвинителниот акт за осомничените полициски службеници во врска со „Пулс“, за кои истрагата ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
„Мора да има правда за нашите убиени деца. Никогаш не треба да ги заборавиме овие деца ако сакаме да имаме држава. Овие деца заслужуваат правда“,
вели мајката.
Во судницата во рамките на КПУ „Идризово” се очекува да почне второто рочиште од судскиот процес, на кој обвинетите треба да се изјаснат дали се чувствуваат виновни или не за делото што им се става на товар – загрозување на општата сигурност.
Петнаесетина минути пред 9 часот во судницата со полициски комбиња ги донесоа обвинетите на кои им е одредена мерка притвор. Судницата е веќе исполнета со странките во постапката, а во делот за јавноста, покрај новинарите, се присутни дел од родителите на загинатите во „Пулс”.
