Студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое студентите добиваат по 2 400 денари девет месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци
Од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека 31 август, вторник, е последниот ден за аплицирање за субвенциониран студентски оброк наменет за сите редовни студенти на државните и приватните универзитети во земјата.
МОН очекува ова право да го искористат околу 40 000 студенти, а досега се пријавени 15 627.
„Тековните студенти, денеска и утре да го завршат пријавувањето, за да може првата уплата во износ од 2.400 денари, да ја добијат на почетокот на октомври годинава. Следниот рок за аплицирање за оваа субвенција е од 1 до 31 октомври 2021 година, за студентите од новата академска година и оние кои не го запишале летниот семестар“,
апелира МОН.
Оттаму велат дека начинот на аплицирање е дигитализиран, а пријавувањето се спроведува електронски преку порталот www.e-uslugi.mon.gov.mk, со прикачување на само два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.
МОН потсетува дека субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето односно добиваат по 2 400 денари девет месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци.
„Наша обврска е да ги пресретнеме потребите на младите. Воведувањето на субвенционираниот студентски оброк, нови стипендии и зголемените износи на постојните се одговор токму на барањата на студентите кои ги исполнивме за краток период. Младите мора да бидат задоволни од грижата на државата кон нив и од можностите кои им ги обезбедува за остварување на личните и професионални цели. Само на тој начин ќе бидат доволно мотивирани да останат во сопствената земјата и да го реализираат својот потенцијал, што ќе значи и придонес кон севкупниот општествено економски развој. Затоа Министерството преку работната група Млади-МОН продолжува со директна вклученост на младите да креира политики и мерки кои се во интерес на студентите и учениците“,
наведува Министерството.