Дел од училиштата веќе ги објавиле интерните испити, течат подготовките за спроведување на државната матура. Директорите на средните училишта на состанок со министерката за образование Мила Царовска порачале дека ќе го почитуваат договорот меѓу Владата и Сојузот на средношколци за полагање на завршниот испит.
„Најголем дел од училиштата веќе ги објавиле интерните испити. Уште еднаш повикав да се исполнат сите договорени елементи од матурата, затоа што тоа е во интерес на нашите ученици“,
потенцирала министерката Царовска на онлјан-состанок со директорите на училиштата.
Обврска на матурските предметни комисии е да подготват испитни задачи по секој предмет и да ги објават најдоцна три седмици пред полагањето. Од тие испитни задачи потоа се изготвува тестот за интерните испити.
Директорите на средните училишта информирале дека целосно ќе бидат спроведени сите безбедносни и заштитни мерки за полагање на матурата, велат од МОН.
Пред два дена Сојузот на средношколци реагираше дека неколку средни училишта од Битола, Охрид и Тетово не го почитуваат договорот кој доведе до решение на проблемот околу начинот на полагање на државната матура во услови на пандемија.
„Училиштата се должни да ги споделат материјалите за интерните испити и банки на прашања најдоцна три недели пред денот на испитот. Тие да содржат најмалку 60, а најмногу 100 прашања’. Оваа точка на договорот е флагрантно прекршена од некои средни училишта во земјава. Ова е неприфатливо“,
соопштија од Сојузот на средношколци.
Според договорот, полагањето на државната матура годинава ќе опфати два екстерни и два интерни предмети , наместо 3+1, како што беше досега.