Учебникот по социологија за втора година средно образование, кој предизвика бура од реакции во јавноста откако беа објавени делови во кои се омаловажува и дискриминира жената, е во планот на Педагошката служба за ревизија на учебниците и до почетокот на учебната 2020/2021 година неговата содржина ќе биде соодветно измената и по повторното печатење учебникот ќе биде дистрибуиран до училиштата, соопшти денеска Министерството за образование и наука (МОН).
Од МОН објаснуваат дека неодамна ги доставиле забелешките за овој учебник до Бирото за развој на образованието за да се провери неговата содржина. Од Министерството велат дека овој учебник е дел од оние што се користат во гимназиското образование, а се одобрени во периодот од 2001 до 2006 година, но за него досега не биле доставени забелешки и затоа не бил дел од процесот на корекција и повторно печатење во 2018 година.
Во спорниот учебник, чии автори се универзитетските професори Нелко Стојаноски, Милева Ѓуроска и Зоран Матевски издаден во 2002 година, во лекциите на тема криминал, меѓудругото, пишува: „Причините за различното учество на жените во криминалитетот се објаснуваат со општествената положба на жената. Ако жената е затворена во домот и нема никакви јавни улоги, таа нема можност да прави кривични дела.
Жената на тој начин е заштитена од многу комуникации, одговорности, ангажмани, натпревари, конфликти и е упатена да се грижи за семејството, а со тоа помалку е изложена на влијанието на објективните криминогени фактори. Во услови на поголема општествена активност можно е да дојде до поголема криминална активност особено кај некои видови кривични дела“.
Во една од лекциите како кривични дела што ги извршуваат жените се прељубата и абортусот, иако во март годинава во земјава е донесен нов Закон за прекин на бременоста, со кој се укинаа претходно воведените административни бариери за жената сама да одлучува за тоа.