Набавката на целосно нови учебници со ажурирани податоци, без нелогичности, навредливи и дискриминаторски содржини и технички грешки, покрај во основното образование е значајна компонента и на реформата на средното стручно образование, велат од МОН

Педагошката служба минатата година одобрила стотина учебници за средно стручно четиригодишно образование и тоа за општообразовните предмети и за Математичко-информатичката гимназија.
Од Министерството за образование и наука информираат дека за голем број предмети, постапките за изработка и одобрување учебници се во тек. Листата со одобрени учебници постојано ќе се надополнува и, како што најави министерот, постапките за печатење етапно ќе се заокружуваат сè додека целиот процес за сите учебници не биде завршен.
„Набавката на целосно нови учебници со ажурирани податоци, без нелогичности, навредливи и дискриминаторски содржини и технички грешки, покрај во основното образование е значајна компонента и на реформата на средното стручно образование“,
се вели во соопштението од МОН.
Во буџетот на МОН, се додава во соопштението, секоја година се предвидуваат наменски средства за одобрување, односно набавка, печатење и дистрибуција на учебници за основно и средно образование.
„На почетокот на годинава приоритет се даде на учебниците во основното образование, а наскоро ќе започне и печатењето на учебници за средно стручно образование, кои се одобрени и за првпат ќе ја најдат својата примена во наставата. Со тоа ќе се надмине предизвикот кој постоеше долги години наназад, по многу предмети во средното стручно образование кое е дефицитарно и во фокусот на политиките за развој и промоција, не постоеја никакви учебници“,
нагласуваат од МОН.
Од Министерството велат дека материјалите од кои учениците учат се директно поврзани со наставните програми, постигнувањето на планираните резултати од учењето и стекнувањето потребни компетенции.
„Овој процес, иако е прилично комплексен, МОН и другите надлежни иниституции, тела и органи се заложуваат истиот да се интензивира, во интерес на обезбедувањето поквалитетно образование за младите, чии потреби и барања секогаш ќе бидат приоритет на институциите на системот“,
додаваат од Министерството за образование и наука.
