Причината за запирањето на работата на приватната висока стручна школа, како што информираат од МОН, се констатираните нерегуларности во работата и непостапувањето по задолжението за нивно отстранување
Привремено е затворен приватниот Факултет за бизнис економија во Скопје, информира Министерството за образование и наука (МОН). Причината за запирањето на работата на приватната висока стручна школа, како што информираат, се констатирани нерегуларности во работата и непостапување по задолжение за нивно отстранување.

„Нерегуларностите се констатирани од страна на посебна комисија во рамки на МОН за вршење надзор над законитоста во работењето, а одлуката за времено запирање на работата на оваа приватна високообразовна установа е донесена и врз основа на мислење од страна на Одборот за акредитација на високото образование“,
се наведува во соопштението на МОН.
Оттаму посочуваат дека на приватниот факултет нема новозапишани студенти во академската 2025/2026 година, а оние што се веќе запишани ќе бидат префрлени на други факултети со цел непречена едукација.
Од Министерството за образование посочуваат дека во изминатите 15 месеци се затворени и 14 приватни научни институти, дел поради неактивност, дел поради неисполнување на условите за работа.
„Почитувањето на законските прописи мора да биде основен принцип во работењето на сите образовни установи. Тоа е единствениот начин да се обезбеди одржлив квалитет кон корисниците на образовните услуги. МОН и во иднина неселективно ќе продолжи да ја контролира работата на образовните и научните установи и да презема соодветни мерки онаму каде ќе бидат констатирани отстапувања од правните норми“,
наведуваат од Министерството.