Михајлов изрази уверување дека институцијата ќе продолжи доследно да ги почитува европските начела за работа при спроведување на програмите за образование и мобилност и придобивките од нив да ги доближува до што повеќе ученици, наставници, граѓански здруженија и други чинители на образовниот систем, соопшти МОН
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност има ново раководство кое ќе ја продолжи имплементацијата на „Еразмус“ и „Европски солидарен корпус“ во Македонија, како и на неколку други европски програми и мрежи за образование и мобилност, информира Министерството за образование. За в.д. директорка на институцијата е избрана Ана Михајлов, која, како што наведуваат од МОН, доаѓа од редот на вработените и има искуство во областа повеќе од 15 години.
„Михајлов изрази уверување дека институцијата ќе продолжи доследно да ги почитува европските начела за работа при спроведување на програмите за образование и мобилност и придобивките од нив да ги доближува до што повеќе ученици, наставници, граѓански здруженија и други чинители на образовниот систем“,
се наведува во соопштението од МОН.
Министерката Јаневска на денешната средба со Михајлов посочила дека активностите на Националната агенција се исклучително важен дел од напорите на државата за интегрирање на македонскиот образовен систем во европскиот образовен простор, велат од МОН и додаваат дека Министерството ќе продолжи да ја следи работата на Агенцијата и преку редовна комуникација со образовните и научните институции и тела во рамките на Европската комисија ќе гарантира правилно и оптимално работење, како и континуирана надградба на капацитетите на институцијата.

Претходно од СДСМ обвинија дека новата в.д. директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов, е осомничена во истрага на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ).
Како што посочи на прес-конференција потпретседателот на Социјалдемократската младина, Јовица Јанковиќ, назначувањето на Михајлов на 1 август било извршено без транспарентност и без консултација со Европската Унија. Тој нагласи дека сето ова се случува откако претходниот оглас за директор бил поништен, а причините останале мистерија.
„Сега започнуваат локалните избори и најважно завршува истрагата за предметите што ОЛАФ, Европската канцеларија за борба против измами, ги достави до македонското обвинителство“,
кажа Јанковиќ.
Јанковиќ покажа извештај на ОЛАФ од 2023 година, кој наводно укажува на основано сомневање за злоупотреба на над два милиони евра, во периодот на владата на Никола Груевски од 2016 година.
Во извештајот се идентификувани повеќе од 50 физички и правни лица во Македонија и пет земји членки на ЕУ, кои биле дел од наводна „вмровска шема“. Преку внатрешни кадри во Агенцијата наводно истекувале информации за апликанти и евалуатори, а надворешна фирма управувала со проекти за над 15 училишта, што претставува кршење на грант-договорите.
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, која раководи со програмата „Еразмус+“ изминатиот период беше актуелна откако за директор беше назначен Петар Богојески, лидер на Македонски концепт, што предизвика бран од негативни реакции кај дел од јавноста, но и од Европската комисија.
Информацијата дека Богојески доаѓа на раководната позиција на „Еразмус+“, на местото на Марко Ѓоргиевски, беше објавена на почетокот на април, а функцијата ја презеде на 15 мај.
Кратко по објавата на информацијата, од Европската комисија во одговор на новинарско прашање соопштија дека ќе бараат да разговараат со министерката за образование Весна Јаневска за именувањето на Богојески, наведувајќи дека Комисијата не била вклучена во селекцијата и номинацијата на директор на Агенцијата.
Во јуни Богојески објави дека веќе нема да директорува со институцијата.