Според Министерството, сега се ангажирани 1 358 образовни асистенти во основното и 166 во средното образование, што, како што велат, е најмногу досега, за разлика од 2024 година кога последниот министер во овој ресор од тогашната влада предводена од СДСМ, обезбедил недоволни 800 асистенти само во основното образование, додека во средното воопшто не биле ангажирани стручни лица
Министерството за образование и наука (МОН) како неточни и лицемерни ги оцени денешните обвинувања од опозицискиот СДСМ дека учениците со попреченост се оставени без образовни асистенти.

„Тоа е апсолутно неточно и политичката партија со своето однесување, најдобро покажува што значи зборот лицемерие“,
велат од МОН.
Според Министерството, четири министри во владите со кои раководеше СДСМ седум годни не успеале да обезбедат образовни асистенти за сите ученици со попреченост кои следат настава во основните и средните училишта во државата.
„Во 2024 година, последниот нивен министер обезбеди недоволни 800 образовни асистенти и тоа само во основното образование, додека во средното воопшто не беа ангажирани стручни лица кои ќе им го олеснуваат воспитно – образовниот процес на учениците со посебни образовни потреби“,
се вели во реакцијата од МОН.
Денес, како што посочуваат оттаму, ситуацијата е сосема поинаква, бидејќи се ангажирани 1 358 образовни асистенти во основното и 166 во средното образование, што,според нив, е најмногу досега. Оттаму, додаваат дека во тек е постапка и за ангажирање на дополнителен број на стручни лица кои ќе обезбедуваат образовна асистенција за децата, согласно пријавените потреби на нивните родители.
„Во насока на подигнување на инклузивноста, МОН ги јакне и стручните служби во училиштата, преку ангажирање на кадарот кој недостигаше во минатото. Така што, денес не постои училиште во кое нема стручна служба. Паралелно се подобрува пристапноста за лицата со попреченост во училишните објекти преку поставување рампи и тоалети за ученици со посебни потреби“,
се наведува во соопштението од Министерството.
Актуелното раководство на МОН, според Министерството, го прифатило и долгогодишното барање на граѓанскиот сектор кое, велат, е трансформирано во системско решение, а се однесува на обезбедување континуитет во наставата за учениците кои се на подолго болничко или домашно лекување. Со ова решение тие можат да ги следат часовите онлајн заедно со класот или пак, наставникот индивидуално да работи со нив, со што степенот на инклузивност во образованието е дополнително подигнат.
Од новата академска година, наведуваат од МОН, предвидено е доделување нов тип стипендии за студенти со попреченост и со ретки болести, со што ќе се одговори на барањата на нивните здруженија и сојузи.
„Ова е разликата во управувањето со Министерството за образование и наука до 2024 година и во креирањето на образовните политики и политиките за инклузивност потоа“,
велат од МОН.
Во однос на училиштата во руралните средини кои привремено се затвораат поради тоа што немаат запишани ученици, од МОН наведуваат дека тоа е резултат на погубните политики на претходната влада на СДСМ поради кои бројот на ученици се намалил за 17 илјади.
Наводите на МОН се реакција на денешната прес-конференција, Јованче Манасков од Комисијата за образование на СДСМ, кој рече дека трета година по ред министерката за образование и наука Весна Јаневска дозволува учебната година да почне без навремено обезбедена образовна поддршка за децата со попреченост.
„Инклузијата не смее да биде само збор во стратегии и документи. Таа мора да биде реалност во секоја училница. Денес реалноста е дека деца со попреченост се оставаат без поддршка уште на првиот ден од учебната година“,
изјави Манасков.
