Од МОН апелираат да се почитуваат протоколите и секој да се однесува одговорно за да не се дојде во ситуација да се изгуби наставата со физичко присуство
Во училиштата нема трансмисија на вирусот ковид-19 и состојбата е стабилна, тврдат од Министерството за образование и наука (МОН).
Според последниот пресек на МОН направен врз основа на податоците од училиштата, околу 0,02 отсто од вкупно 240 000 ученици на ниво на држава се новозаразени случаи на ковид-19, а истиот процент е и кај наставниците. Од почетокот на учебната година досега активни случаи од учениците биле 0,2 отсто.
Дел од нив, велат од МОН, се веќе негативни и вратени на училиште, а дел сè уште се во изолација.
„Тоа што е особено важно да се потенцира е дека во училиштата до сега нема трансмисија на заразата. При појава на ученик или наставник со симптоми на заразата, училиштата постапуваат согласно протоколите и алгоритмите“,
велат од МОН.
Од Министерството апелираат и до сите вклучени во образовниот процес да ги почитуваат здравствените протоколи и да се однесуваат одговорно бидејќи само така може да продолжи наставата со физичко присуство.
Од Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ, пак, денеска повикаа на проактивност и мобилност од страна на МОН и побара да се воведе задолжително бесплатно тестирање за сите ученици и персонал во училиштата за да се спречи неконтролирано ширење на вирусот во училиштата.