Според Царовска, новиот концепт за основното образование, кој ќе вклучи спојување на повеќе предмети во еден, како што се историја и географија, или биологија и хемија, е со цел децата да учат помалку факти, а повеќе да размислуваат и да поврзуваат
Министерството за образование и наука подготвува целосно нов модел на настава во кој ниту една научна дисциплина нема да се изгуби, туку ќе се смени концептот на кој учениците го изучуваат материјалот, објаснуваат од МОН по реакциите во јавноста за најавените реформи во основното образование.
Од МОН велат дека со планираните измени, не се укинува ниту предметот историја, ниту една научна дисциплина, туку дека ќе се изучуваат поврзано.
„Целта на овие реформи е на ученикот да му даде целосна слика за одреден настан или тема, а ова се постигнува преку интердисциплинарен и интегриран пристап. На овој начин учениците подобро ќе ги разберат и запомнат темите кои ги изучуваат и притоа ќе ги развијат своите аналитички способности. Досегашниот модел на настава ги учи нашите ученици само на факти и не им овозможува да ги поврзуваат информацииите и знаењата од различните дисциплини што ги изучуваат во основното образование. Ова го докажуваат и ниските рангирања согласно домашните и меѓународни истражувања и извештајот на ОЕЦД за нашата земја. Токму затоа е особено важно да се воведе учење преку истражување, преку кое ќе го подобриме образованието и ќе негуваме креативни и иновативни ученици“,
се вели во соопштението на МОН.
Од МОН додаваат дека, новата концепција за основно образование е развојна и се подготвува врз основа на образовните модели што функционираат во повеќе европски земји меѓу кои Словенија, Естонија и Финска.
„Клучни за промените се и резултатите од меѓународните тестирања, домашните анализи, како и ставовите на наставниците, родителите и учениците, кои даваат јасна слика во која насока треба да оди нашето образование. Во овој момент во рамки на јавната расправа се дискутира за Концепт на образование, а не за конкретни наставни програми. При изработката на наставните програми ќе бидат поставени очекуваните резултатите од учењето, а врз основа на нив и содржините што учениците треба да ги совладааат од одделните научни дисциплини (историја, географија, граѓанско образование, итн). Во овој процес ќе бидат вклучени универзитетски професори, наставници од соодветните области и сите релевантни чинители“,
се вели во соопштението.
Министерката за образование, Мила Царовска на денешната прес-конференција, на новинарско прашање рече дека новиот концепт на основно образование, кој ќе вклучи спојување на повеќе предмети во еден, како што се историја и географија, или биологија и хемија, е со цел децата да учат помалку факти, а повеќе да размислуваат и да поврзуваат.
„Новата концепција ќе значи повеќе време во училиште, помалку предмети, односно спојување на повеќе предмети во еден, повеќе интеракција помеѓу наставниците и учениците и помеѓу самите ученици“,
рече Царовска.