Со повикот за финансиска поддршка, почнувајќи од декември, ќе се исплаќаат по 1 200 денари за основците и од 1 800 денари за средношколците, а на студентите кои живеат надвор од местото на студирање ќе им се исплаќа финансиска поддршка во висина на месечниот билет за меѓуградски сообраќај од местото на живеење на студентот до местото на студирање, во износ не помал од 600 денари и не поголем од 1 200 денари месечно. Повиците се отворени до 26, односно 24 овој месец

До 26 декември основците и средношколците чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето-плата до 50 илјади денари, може до Министерството за образование и наука (МОН) да ги поднесат документите за финансиска поддршка.
Со повикот за финансиска поддршка, почнувајќи од декември, ќе се исплаќаат по 1 200 денари за основците и од 1 800 денари за средношколците.
Учениците треба да се пријават во училиштето во кое се запишани. При пријавувањето, треба да пополни пријава на родител или старател кој е поднесувач на барањето, како и да се достави изјава од другиот родител или старател.
Исто така, треба да се приложат и копија од трансакциска сметка на еден родител или старател подносител на пријавата, потврда од работодавачот за последно исплатена нето плата на двајцата родители и старатели.
„Доколку е дете на починат родител треба да се достави доказ-извод од книгата на умрените и последен чек од пензија. Ако станува збор за дете од разведени родители треба доказ-решение од правосилна судска пресуда, а доколку е дете на родител пензионер доказ од последен чек од пензија. Ако станува збор за дете на невработен родител потребно е да се достави доказ – потврда од Агенција за вработување на Република Северна Македонија дека е невработено лице кое не прима паричен надоместок или прима паричен надоместок со наведена сума на паричниот надомест. Покрај ова потребно е да се достави изјава од другиот родител или старател за давање согласност, подносител на пријавата да биде таткото или мајката или старателот за користење на финансиска поддршка во износ од 1 800 денари за учениците од средното образование, односно 1 200 за учениците во основното образование чие семејство има вкупни месечни приходи од нето плата до 50 илјади денари“,
се наведува во соопштението од МОН.
До 24 декември, пак, е отворен повикот за финансиска помош на студенти кои живеат надвор од местото на студирање за академската 2023/24 година. Стекнувањето финансиска поддршка за корисниците е во висина на месечниот билет за меѓуградски сообраќај од местото на живеење на студентот до местото на студирање, во износ не помал од 600 денари и не поголем од 1 200 денари месечно, за период од седум месеци, започнувајќи од месец декември 2023 година.
За добивање на финансиска поддршка кандидатите треба да се пријават електронски, на следниот линк: https://e-uslugi.mon.gov.mk/. При пријавувањето, треба да ги пополнат податоците во пријавата, како и изјавата за давање на согласност за обработка на личните податоци. Исто така, треба да се прикачат и потврда за редовен студент на државен универзитет, уверение за државјанство, лична карта или друг документ за идентификација, трансакциска сметка, доказ за висина на месечниот билет за меѓуградски превоз од местото на живеење до местото на студирање.
Од МОН велат дека по извршената проверка на податоците и доказите во рок од пет работни дена од денот на пријавувањето на студентот за добивање на финансиска поддршка, ќе утврди статус на прифатено или одбиено барање за финансиска поддршка, во самата апликација.