За апликантите кои не се задоволни од одлуката, од МОН велат дека не треба да поднесуваат приговори или жалби пред да го добијат решението

Министерството за образование и наука (МОН) ги објави резултатите од конкурсот за доделување ученички стипендии за учебната 2025/2026 година.
Имињата на учениците добитници на една од седумте категории стипендии наменети за средношколци се достапни во објавата на Министерството.
МОН информира дека сите апликанти ќе добијат поединечно решение преку електронскиот портал e-uslugi.mon.gov.mk во делот „Мои апликации“, каде што е колоната „Документ за одлука“.
Од Министерството нагласуваат дека добитниците на стипендии не треба да доставуваат испечатени и потпишани договори, бидејќи сите права и обврски околу користењето на стипендијата се наведени во самото решение.
За апликантите кои не се задоволни од одлуката, од МОН велат дека не треба да поднесуваат приговори или жалби пред да го добијат решението.
По приемот на решението, незадоволните кандидати имаат рок од 15 дена да поднесат жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен. Просториите на Државната комисија се наоѓаат на булеварот „Гоце Делчев“ бр. 18, во зградата на МРТВ, на 11. кат.
