Државна матура треба да има затоа што со неа се заокружува стекнатото знаење и она што е многу важно ги насочува учениците во понатамошниот образовен процес, соопшти Министерството за образование и наука во врска со протестот кој попладнево пред МОН го организира Средношколски глас.
Во реакцијата на Министерството се наведува дека нема да дозволи пандемијата да се одрази на развојот и напредокот на учениците, а со тоа и на иднината на нашата држава.
„Министерството за образование и наука изминатиот период покажа огромна посветеност и отвореност за дијалог со матурантите. Министерката за образование и наука Мила Царовска и претставници од министерството веќе се сретнаа со Сојузот на средношколци и со Гласот на матурантите. И едните и другите навреме беа информирани дека испитите од државната матура ќе се одржат во законски предвидениот рок, но со полесни прашања и по скратени програми, со цел полагањето да биде ефективно и организирано“,
велат од МОН.
Во проширената листа на екстерни предмети за гимназиско образование се информатика и географија, како и за можностите што ги нуди променетата програма за проектната задача. Се најавуваат и промени во концепцијата на државната матура кои би се применувале од 2021/2022 година, а ќе се прават во заеднички и конструктивен дијалог со средношколците и наставниците.
МОН нагласува дека државната матура е и законска обврска и дека и покрај пандемијата, се одржува во сите европски земји и во регионот и успешно се реализираше.
„Северна Македонија не смее да биде исклучок по негативни практики. Заедно со директорите на училиштата и наставниот кадар, МОН за многу кратко време воспостави модел на настава кој функционира и овозможува пристап до образование за секое дете во државата. Имаме доволно време сите заеднички да се подготвиме и за државната матура“,
се вели во соопштението.