Од МОН велат дека иако тестот не им бил достапен на учениците пред полагањето, односно тој е споделен меѓу матурантите преку апликација за електронска комуникација за време на самото полагање, сепак, тоа е пропуст кој никако не требало да се случи и повлекува соодветна одговорност

Министерството за образование и наука бара од Државниот испитен центар (ДИЦ) да открие чија е одговорноста за направениот пропуст при полагањето на вториот екстерен испит по англиски јазик кој се одржа во саботата, а за чие времетраење на Вибер се споделувале прашањата.
Од МОН велат дека иако тестот не им бил достапен на учениците пред полагањето, односно истиот е споделен меѓу матурантите преку апликација за електронска комуникација за време на самото полагање, сепак, тоа е пропуст кој никако не требало да се случи и повлекува соодветна одговорност.
„По добивањето на информациите од ДИЦ, тие ќе бидат споделени со јавноста“,
соопштуваат од МОН.
Од МОН велат дека побарале од оваа година полагањето на испитите да се спроведува во поголеми простории во училиштата, како на пример во училишните сали и холови каде би биле сместени сите матуранти кои се пријавени за полагање државна матура и со присуство на повеќе тестатори и набљудувачи.
„Но, поради случувањата во ДИЦ и штрајкот на вработените непосредно пред датумите за спроведување на државната матура, тие не се случија. Така што, очекуваме промените да се имплементираат во следната учебна година, со што ќе се намалат ризиците од можни нерегуларности кои би ја довеле во прашање веродостојноста на резултатите“,
велат од Министерство за образование и наука.
Во саботата, на полагањето на вториот екстерен испит по англиски јазик, матурантите преку вибер-групи ги споделувале тестовите откако почнало тестирањето. Од ДИЦ демантираа дека се пробиени тестови од државната матура и нагласија дека нивна обврска е да ја спроведат матурата со подготовка на тестовите и нивна дистрибуција до училиштата, а за тој процес велат дека е најпрофесионално извршен од нивна страна.
Матурантите во саботата го полагаа вториот екстерен испит од државната матура кој е изборен. На избор на матурантите им беа дадени седум предмети и тоа освен математика, естетика и филозофија, можеа да одберат и еден од јазиците англиски, француски, германски или руски.
Претходно 15 620 матуранти, на 27 мај, го полагаа првиот екстерен испит, задолжителниот мајчин јазик (македонски, албански или турски) и литература.