Во рамки на наставата со физичко присуство, регистрирани се вкупно 40 ученици позитивни на коронавирусот и 52 вработени од наставниот кадар во средните и основните училишта. Во сите овие случаи се реагира навремено според препораките на центрите за јавно здравје, со што се спречува трансмисија на вирусот.
„Во сите останати случаи станува збор за учесници на онлајн-настава, при што ниту децата ниту наставниците имале контакти со останатите од училиштата. Исто така, учениците и наставниците кои одат во изолација поради близок контакт со заразено лице или затоа што се позитивни на ковид-19 наставата ја продолжуваат онлајн, со што се обезбедува континуитет во образовниот процес“,
информираат од Министерството за образование и наука.
Тие велат дека согласно податоците со кои располагаат, може да се заклучи дека протоколите се ефикасни во намалување на ризиците за ширење на вирусот.
„Според извештаите што училиштата секојдневно ги доставуваат до МОН, од вкупниот број 259 235 ученици на ниво на држава, процентот на заразени изнесува само 0,06%, а од вкупниот број 27 955 наставници и друг кадар овој процент изнесува 0,58%, што е далеку под еден процент. Министерството за образование и наука апелира учениците, наставниците и родителите доследно да ги почитуваат мерките и протоколите за заштита од ковид-19 во училиштата и надвор од нив, затоа што само со носење маски, држење растојание и често миење и дезинфекција на рацете може да се спречи ширењето на болеста“,
велат од МОН.