„Европа ќе биде посилна ако е заедно со вашата земја и со другите земји и затоа сме денеска тука да ве поддржиме во овој напредок. Секако тој треба да биде заснован на исполнети реформи и на сите оние барања што треба да ги испорачате и ние сме тука за да ви помогнеме и се надеваме дека во текот на нашето претседателство ќе можеме да работиме заеднички да го постигнеме ова затоа што сакаме да го поплочиме патот на иднината на Северна Македонија во ЕУ“, рече Бјере

Проширувањето на Европската Унија ќе биде во фокусот на данското претседавање со ЕУ, кое стартува на 1 јули, рече денеска данската министерка за европски прашања Мари Бјере, која во Скопје имаше средба со министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Таа вели дека актуелните геополитички случувања уште повеќе го актуализираат овој процес и додаде дека нејзината земја ќе направи се што е во можност за да го поттикне евроинтегрирањето на земјава. Сепак, таа вели дека тој пат мора да се изоди заеднички, со цел да се види дали може да се постигне напредок и во кои делови тоа може да се реализира.
„Европа ќе биде посилна ако е заедно со вашата земја и со другите земји и затоа сме денеска тука да ве поддржиме во овој напредок. Секако тој треба да биде заснован на исполнети реформи и на сите оние барања што треба да ги испорачате и ние сме тука за да ви помогнеме и се надеваме дека во текот на нашето претседателство ќе можеме да работиме заеднички да го постигнеме ова затоа што сакаме да го поплочиме патот на иднината на Северна Македонија во ЕУ“,
рече Бјере на заедничката прес-конференција со Муртезани.

На новинарско прашање што конкретно би сторила Данска, како иден претседавач на Унијата, во однос на ингегрирањето на Македонија во ЕУ, имајќи го предвид спорот со Бугарија, но и иницијативата од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта за средба на македонски и бугарски високи претставници на маргините на Самитот во Хаг, која се уште не е извесна, не даде конкретен одговор, но посочи дека моментумот за проширување е тука и оти земјата треба да го зграпчи.
„Моментумот за проширување апсолутно е тука и веќе сме негови сведоци, направен е прогрес и за Украина и за Молдавија, и сега со Албанија отвораме два нови кластера, еден сега, еден на есен. Исто така. имаме напредок и кај Црна Гора, кој не се случуваше долго време. Така да, искрено да кажам дека моментумот е тука и ве молам да го зграпчите. И сега со нашето претстојно претседателство со ЕУ морам да ви кажам дека ние не можеме самостојно ова да го туркаме, ние сме тука конструктивно да работиме со вас, со Северна Македонија за да можеме заеднички да видиме каде можеме да постигнеме напредок, во кои делови можеме да го оствариме напредокот“,
додаде данската министерка.
Според неа, видливо е дека Северна Македонија има остварено голем напредок на патот до ЕУ, меѓутоа, вели таа, мора да се направат некои измени „затоа што сметаме дека можеме да ви помогнеме во оние делови каде се очекува наша помош“.
Бјере рече дека причината за нејзината посета е претстојното претседавање со ЕУ, кое го презема Данска и оти со Муртезани разговарале за актуелните политички прашања.
Данската министерка истакна дека со оглед на актуелните геополитички случувања, руската агресија врз Украина, но и, како што посочи, новите ветришта, кои дуваат од САД, Европа треба да биде силен геополитички актер, а за да се одбрани себе си во овие новонастаните околности, клучен е процесот на проширување.
„Затоа што зборуваме за една поголема Европа, која во исто време ќе биде посилна Европа. Затоа ние се стремиме да го задржиме овој процес на проширување и знаеме дека Северна Македонија е земја-кандидат речиси 20 години, така што сега е времето да го фатите овој чекор повторно. Свесни сме дека имаше еден замор од проширувањето, но тој се појави и во вашата и во нашата земја и затоа сакаме повторно да работиме на проширувањето, да работиме и со Украина и со Молдавија, но и со земјите од Западен Балкан. Сметам дека сето ова ќе донесе просперитет за овие земји, полза и за нив и за вашата земја, но и за Европа“,
додаде Бјере.
Министерот Муртезани посочи дека Северна Македонија останува цврсто посветена на европскиот пат, преку доследна имплементација на Реформската агенда во рамки на Планот за раст на ЕУ. Тој ја поздрави посветеноста на Данска кон унапредувањето на политиката на проширување, особено кон земјите од Западен Балкан, како и поддршката за Украина и зачувувањето на европската безбедност.

„Во време кога процесот на проширување е изложен на притисоци и тенденции на билатерализација, Копенхашките критериуми се нашата заштита. Тие се потсетник дека европскиот пат не смее да се условува со прашања надвор од суштината на демократијата, владеењето на правото и функционалната пазарна економија. Посебно ја цениме принципиелната определба на Данска дека проширувањето на Европската Унија мора да се води исклучиво според Копенхашките критериуми – објективни, мерливи и еднакви за сите“,
рече Муртезани.
На новинарско прашање дали се согласува со данската министерка која рече дека проширувањето на ЕУ е од голема важност, Муртезани заблагодарувајќи се на Бјере за посетата рече оти тоа е голем сигнал за забрзување на проширувањето.
„Да, се согласуваме со тоа. Ние сме земја членка на НАТО и сме запознаени со заедничката безбедносна политика на ЕУ, така да ние сме во иста линија со националните интереси на ЕУ, се соочуваме со истите одбранбени прашања и војната во Украина ја гледаме како руска агресија и ние сме под иста закана. Сакам да и се заблагодарам на Бјере која е првиот министер што доаѓа да го посети овој регион пред претстојното данско претседателство. Ова е силен сигнал дека сме во процес на забрзување на проширувањето на ЕУ, на почитувањето на Копенхашките критериуми без да бидеме загадени со билатералните прашања кои се тема за соседите, меѓутоа не тема за европско проширување и европски пристап. Така да треба да се фокусираме на имплементацијата на Планот за раст и развој затоа што ние треба да ја донесеме Европа поблиску до нашите граѓани“,
рече Муртезани.
На новинарско прашање што очекува од акцискиот план за малцински права што треба да биде доставен и какви реакции очекува од Бугарија, Муртезани рече дека тој е во надлежност на Министерството за надворешни работи и не може да сподели информации околу содржината.
„Тоа што можам да споделам е околу патоказите. Трите патокази веќе се испратени во Комисијата и се финализираат на дневна основа преку онлајн состаноци со Комисијата. Се надевам дека скоро сите три патокази ќе бидат завршени. Што се однесува до Акцискиот план тоа што можам да споделам е дека е испратен во Советот на Европа кој што треба да биде разгледан од страна на експерти, се чека скоро да добиеме одговор со нивни коментари, по што ќе треба да следи соодветна процедура за усвојување и формално испраќање до Комисијата“,
одговори Муртезани.