ОЈО Скопје денеска отвори истрага и го товари 28-годишникот за две кривични дела. За време на инцидентот, кога осомничениот вперил пиштол кон началникот еден од присутните полицајци му ја оттурнал раката при што бил испупан еден проектил во воздух
Момче на возраст од 28-години нападнало полициски началник на ЕВР Чаир удирајќи му бокс во раката, а потоа извадило и пиштол, го репетирало и вперило кон службеникот кој бил на терен да врши контрола во рамки на кампањата „Безбедна матурска прослава“.
Настанот се случил на 23 мај пред угостителски објект на улицата „Македонско-косовска бригада“, а Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје денеска отвори истрага.
„Осомничениот најпрвин вербално му се заканил на полицискиот службеник, а потоа и физички го нападнал, удирајќи го со бокс во пределот на раката. Осомничениот извадил и огнено оружје – пиштол марка ’Сиг Сауер‘ со калибар 9 мм, со 10 куршуми во рамката, кој го поседувал без дозвола, го репетирал и го вперил кон оштетениот. Еден од другите присутни полициски службеници му ја оттурнал раката, при што осомничениот испукал еден проектил во воздух, а веднаш потоа бил совладан од присутните полицајци“,
соопштија од ОЈО Скопје кое побарало и притвор за осомничениот.
Во истрагата обвинителството го товари за две кривични дела: неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи и за напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста.