Најкритично беше пред зградата на владата, каде што група учесници фрлаа запаливи направи, предизвикувајќи помали пожари пред самиот влез

Масовен протест на опозицијата, кој помина во знак на високи тензии и судири со полицијата, се одржа вечерва во главниот град на Албанија, Тирана.
Демонстрантите, предводени од опозициските партии, изразија силен револт против актуелната власт, користејќи пиротехнички средства и молотови коктели насочени кон клучните државни институции.
Најкритично беше пред зградата на владата, каде што група учесници фрлаа запаливи направи, предизвикувајќи помали пожари пред самиот влез. Полициските сили, распоредени во голем број, беа принудени да интервенираат за да го спречат упадот во објектот, при што во неколку наврати употребија солзавец и водени топови за да ја разбијат толпата.
Освен владината зграда, на мета на демонстрантите се најдоа и други државни установи, вклучувајќи го Министерството за внатрешни работи и седиштето на Социјалистичката партија.
Опозицијата бара итно формирање техничка влада која би ги организирала следните избори, обвинувајќи го премиерот Еди Рама за корупција, изборен инженеринг и за деградација на демократските процеси во земјата.
Албанското МВР најостро ги осуди насилните протести, нагласувајќи дека нападите врз полицијата и државниот имот се недозволиви во едно демократско општество.
Од друга страна, претставниците на опозицискиот блок порачаа дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполнат нивните барања, најавувајќи целосна граѓанска непослушност.
Меѓународната заедница во неколку наврати апелираше на воздржаност и решавање на политичките разлики преку институционален дијалог наместо преку насилство на улиците.
