Прогнозите за влошување на временската состојба се остварија, но, за среќа, Скопје барем засега не е погодено од најавеното невреме. Небото над главниот град на Македонија е темно сиво, и како што коментираат многумина на социјалните мрежи, амбиентот наликува на Готам сити.
(На интерактивната мапа можете да погледнете каде се движи невремето)
Се забележуваат молњи кои светкаат парајќи го сводот над Скопје, се слушаат и силни татнежи од далечина, а пороен летен дожд во огромни количини ја топи вжештената земја која неколку дена ја грееше пеколното сонце.

Во поголем дел од градот се очекува да наврне многу и собраната вода да го попречи нормалното одвивање на сообраќајот, но не и да го блокира движењето по градските улици. Најавите дека ќе се случи посериозна непогода, со многу јак ветер кој ќе донесе град и потенцијална голема материјална штета, до овој момент не се остварија.
Впечаток е дека времето, барем во Скопје, полека се смирува, иако од Управата за хидрометеоролошки работи и натаму предупредуваат на внимателност бидејќи под влијание на атмосферски фронт и подоцна во текот на денот, како и во ноќните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. На одредени места е можен интензивен дожд, како и силен ветер, електрични празнења и услови за појава на град.

Во однос на вториот ден од викендот, синоптичарите најавуваат помирна недела. Утре претпладне треба да е променливо облачно со услови за локален краткотраен дожд и појава на грмежи. Попладне облачноста ќе се намали и ќе преовладува сончево и посвежо време со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови засилен ветер од западен и од северозападен правец. Во Скопје претпладне ќе биде променливо облачно, а попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.