Мајка Тереза почина на 5 септември 1997 година во Калкута, Индија, градот каде што го мина најголемиот дел од својот живот. Замина десетина дена по нејзиниот 87. роденден, по фатален инфаркт. Последните нејзини зборови биле: „Молете се мојата работа да продолжи, јас не сум важна“

Мајка Тереза е еден од најзначајните ликови на 20 век. Родена е како Гонџа Агнес Бојаџиу во Скопје на 26 август 1910 година, во време кога градот бил под Отоманското Царство, како трето дете во римокатоличкото семејство Бојаџиу. Куќата во која е родена се наоѓала кај денешниот плоштад „Македонија“. Еден ден по раѓањето, на 27 август, е крстена во католичката црква „Пресвето срце Исусово“ во Скопје.
На 18 години завршената гимназијалка заминува од дома. Прво во Ирска, а оттаму во Калкута, Индија, да им служи на сиромашните и да дарува љубов на оние на кои им е најпотребна.
Додека беше жива, ја почитуваа многу луѓе во светот, од обични луѓе до лидери на водечките светски сили, државници, славни личности, хуманитарци, а најмногу оние кои веруваа дека може да се помогне за да се победи бедата, гладот, сиромаштијата и болеста.
Особено се цени нејзината идеја за основање на католичката заедница „Мисионерки на љубовта“ во Калкута со над пет илјади сестри вклучени во околу 600 мисии за помош со училишта, народни кујни, прифатилишта и болници за сиромашни.
Почина на 5 септември 1997 година во Калкута, Индија, градот каде што го мина најголемиот дел од својот живот. Замина десетина дена по нејзиниот 87. роденден, по фатален инфаркт. Последните нејзини зборови биле: „Молете се мојата работа да продолжи, јас не сум важна“.
Две години по нејзината смрт, папата Јован Павле II ја започнува диоцезиската фаза од процесот за беатификација и канонизација. По беатификацијата, таа е прогласена за Блажена Мајка Тереза. На 17 декември 2015 година, папата Франциск го одобрува второто чудо потребно за Мајка Тереза да стане светица. Папата ја канонизира Мајка Тереза на 4 септември 2016 година на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан пред десетици илјади луѓе, меѓу кои 15 службени делегации и 1 500 бездомни лица од цела Италија, со што е прогласена за светица.
Во 1980 година Мајка Тереза беше прогласена за почесен граѓанин на нејзиниот роден град Скопје.
Инаку, денеска во Собранието на Република Северна Македонија ќе биде доделена државната награда „Мајка Тереза“ за 2025 година. Наградата е за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување и унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Годинава добитници на државната награда „Мајка Тереза“ се Борче Стаменов и доц. д-р Ирфан Ахмети.