Фито денеска ќе се појави пред федералниот суд во Соединетите Американски Држави за да се изјасни за невин по обвиненијата за меѓународна трговија со дрога и оружје, изјави неговиот адвокат за Ројтерс

Водачот на еквадорската банда Адолфо Масијас Виљамар, познат по прекарот Фито, е екстрадиран во Соединетите Американски Држави за да се соочи со обвиненија за трговија со дрога и оружје. Масијас беше повторно уапсен во јуни, речиси една година откако избега од затвор со максимална безбедност каде што отслужуваше 34-годишна казна за низа кривични дела.
Фито денеска ќе се појави пред федералниот суд во Соединетите Американски Држави за да се изјасни за невин по обвиненијата за меѓународна трговија со дрога и оружје, изјави неговиот адвокат за Ројтерс.
#Atención| José Adolfo Macías Villamar, alias “Fito”, fue extraditado a los Estados Unidos, la tarde de hoy, 20 de julio. “Fito”, fue trasladado desde La Roca, hacia el aeropuerto de Guayaquil, donde embarcó en un avión del Departamento de Justicia de Estados Unidos y partió… pic.twitter.com/9oUAnWJVFl
— Diario El Mercurio (@elmercuriomanta) July 20, 2025
Масијас беше водач на бандата Лос Чонерос, која има врски со моќни криминални организации од Мексико и Балканот. Тој е осомничен и за нарачување на убиството на претседателскиот кандидат Фернандо Виљавиченсио во 2023 година. Бандата Лос Чонерос многумина ја обвинуваат за претворање на Еквадор од туристичка дестинација во една од земјите со највисока стапка на убиства во регионот.
Денес повеќе од 70 проценти од светското производство на кокаин поминува низ еквадорските пристаништа. Земјата се наоѓа помеѓу Колумбија и Перу, двата најголеми извозници на кокаин во светот. Во јуни полицијата го лоцира Масијас во она што го опиша како подземен бункер под луксузна вила во градот Манта.
По апсењето, тој беше префрлен во затворот Ла Рока, објект со максимална безбедност. Во тоа време еквадорскиот претседател Даниел Нобоа ги пофали безбедносните сили за неговото апсење и најави дека ќе биде екстрадиран во Соединетите Американски Држави. Еквадорската казнено-поправна служба (СНАИ) објави дека Масијас бил изнесен од затвор вчера наутро и предаден на американските власти.
„Масијас и јас ќе се појавиме утре пред федералниот суд во Бруклин, каде што тој ќе се изјасни за невин. Потоа тој ќе биде задржан во затвор кој сè уште не е утврден“,
изјави вчера за Ројтерс неговиот адвокат Алексеј Шахт.
Еквадорците гласаа на референдум за да дозволат екстрадиција на своите граѓани, иницијатива на претседателот Нобоа, кој најави решителна борба против растечката стапка на криминал. Во март оваа година Нобоа во интервју за Би-би-си изјави дека сака армиите на Соединетите Американски Држави, Европа и Бразил да му се придружат во војната против криминалните банди.