На денешната прес-конференција, претседателот Даниел Димевски изрази задоволство поради тоа што македонската репрезентација по првпат ќе има четворица натпреварувачи
Македонскиот олимписки комитет (МОК) денеска им посака успешни настапи на македонските скијачи кои ќе учествуваат на Зимските олимписки игри Кортина Милано 2026.

На денешната прес-конференција, претседателот Даниел Димевски изрази задоволство поради тоа што македонската репрезентација по првпат ќе има четворица натпреварувачи.
„Досега не се случило четири македонски натпреварувачи и тоа сите со остварена норма да бидат дел од ЗОИ. Македонскиот олимписки комитет ги овозможи сите услови за нашите претставници подготвени да отидат на ваков вид натпреварување. Обезбедивме и комплетна зимска опрема. Имам чувство дека ќе направиме некој добар резултат. Се надевам дека нашите скијачи ќе се претстават во најдобро светло“,
истакна Димевски.
Олимпијадата со оптимизам ја очекуваат и македонските натпреварувачи. Тие ветуваат дека на патеките во Италија ќе го дадат својот максимум во насока на остварување на што подобар резултат.
На ЗОИ 2026 ќе настапат: Ана Цветановска во нордиско трчање спринт и интервал старт 10 км, Ставре Јада исто така ќе учествува во нордиските трки – дисциплини спринт и интервал старт 10 км., Јана Атанасовска и Мирко Лазаревски ќе се тркаат во алпските дисциплини слалом и велеслалом.
Нашите нордијци на патеките ќе се појават на 10,12 и на 13 февруари, додека Атанасовска и Лазарески ќе ги гледаме на 14, 15 и 18 февруари.
Зимските олимписки игри Кортина Милано 2026 ќе се одржат од 6 до 22 февруари.
