Според Могерини, Северна Македонија и Албанија направиле сè што се барало од нив за да можат да ги започнат преговорите за влез во Европската Унија и не сака да коментира дали барањата на Бугарија треба да бидат поставени по започнување на процесот или пред тоа
Во интерес на Европската Унија е неодложно да се започнат преговорите со Северна Македонија и Албанија. Потоа процесот ќе биде долг и тоа ќе биде само почеток, истакна во интервју за БТВ поранешната висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија Федерика Могерини изразувајќи надеж дека бугарското вето за Северна Македонија наскоро ќе биде тргнато.

Според Могерини, Северна Македонија и Албанија направиле сè што се барало за да можат да ги започнат преговорите за влез во Европската Унија.
„Северна Македонија и Албанија го исполнија тоа што се бараше од нив за да ги започнат преговорите. Некои држави кои сакаат да се приклучат би рекле: Чекајте малку, вие ги натеравте С Македонија и Албанија да направат одредени чекори за да започнат преговори и ги исполнија, а прегорите не започнаа. Зошто и ние да го правиме тоа? Во наш интерес е да започнеме преговори со Албанија и С Македонија без одложување. Потоа следува долг процес, ова е само почетокот“,
рече Могерини за БТВ.

На прашањето дали тоа значи дека барањата на Бугарија треба да бидат поставени по започнувањето на преговорите, а не како услов за тоа, Могерини се оградува истакнувајќи дека тоа не зависи од неа.
„Во моментов тоа не зависи од мене и не би влегувала во детали, но имаме две држави каде што поддршката за членство е многу висока, две држави во регионот, две држави кои се членки на НАТО кои стопроцентно ги исполниле барањата. Тие исполнија сè што баравме од нив и заслужуваат да започнат преговори. Сето останато го оставам на луѓето кои се одговорни за процесот сега“,
вели Могерини.
На прашањето колку е силен притисокот врз Бугарија да го подигне ветото, Могерини одговара: „Не знам колку е силен, но се надевам дека ќе профункционира“.
