Почна уривањето на зградата на поранешното одделение за дијализа, каде што ќе бидат поставени нови простории за пациентите кои ќе се лекуваат од ковид-19
Здравствените власти решија на местото на објектот во кој функционираше одделението за дијализа во Гостивар да се постави модуларна болница за лекување пациенти со ковид-19. Вчера започна рушењето на приземната зграда и уредувањето на теренот за неопходната инфраструктура.
Од управата на Општата болница „Ферид Мурад“ информираа дека започнати се подготовките за поставување на нов ковид-центар, пренесува МИА.
„Почна уривањето на зградата на поранешното одделение за дијализа, каде што ќе бидат поставени нови простории за пациентите кои ќе се лекуваат од вирусот ковид-19“,
наведуваат од управата.
Изминативе денови локалната самоуправа и претставници на Министерството за здравство бараа соодветна локација. Како најпогоден е определен просторот во кругот на Општата болница, кој е во непосредна близина до објектот во кој е сместено инфективното одделение.
Новиот модуларен објект треба да има триесетина болнички кревети, помошни простории за персонал, соба за изолација и рендгенско снимање. Во најавите од Министерството за здравство, во Гостивар и во уште 15 града треба да се постават монтажни модуларни болници во кои ќе се згрижуваат и лекуваат лица заболени од ковид-19.
Според последните податоци, во болницата во Гостивар се хоспитализирани седумдесетина пациенти со ковид-19.