Компанијата досега чекаше важни информации за омикрон за да може да започне со развој на засилувачката вакцина

Компанијата „Модерна“ не очекува проблеми во развојот на засилувачката доза од вакцината за заштита од сојот омикрон и би можела да започне со работа веќе во следните неколку недели, вели извршниот директор Стефан Бансел, пренесува „Ројтерс“.
„Модерна“ се надева дека кон почетокот на следната година ќе започнат клиничка испитувања на вакцината за заштита од омикрон кој бргу се шири, но засега се фокусира на засилувачка доза на својата моментална м-РНА-1273 вакцина.
„Потребни се само мали приспособувања за омикрон. Не очекувам никакви проблеми“,
вели Бансел во интервју за швајцарскиот весник „Тагес анцајгер“ објавено во вторникот.
Компанијата досега чекаше важни информации за омикрон за да може да започне со развој на засилувачка вакцина.
„Тоа ќе потрае уште недела или две. Ќе бидат потребни неколку месеци пред да произведеме 500 милиони дози по (регулаторното) одобрение. Но, нашите капацитети денеска се многу поголеми отколку пред една година“,
рекол тој.
Ако телата од кои се чека одобрување, како што се Американската управа за храна и лекови и швајцарскиот „Свисмедик“ бараат понатамошни истражувања, тоа ќе значи одложување од најмалку три месеци.
„Некои од надлежните органи бараат истражувања, додека други сѐ уште се неодлучни. По мое мислење, многу зависи од тоа колку сериозно болеста се шири“,
рече тој.