Фармацевтската компанија „Модерна“ ќе ја продава својата вакцина против ковид-19 на државите во светот по цена од 25 до 37 долари, зависно од количината на нарачката, изјави извршниот директор Стефан Бансел.
„Нашата вакцина ќе чини исто како и вакцината против грип која е помеѓу 10 и 50 долари“,
изјавил директорот.
Европската унија, пак, сака да постигне договор за повеќе милиони дози и да ги навави по цена пониска од 25 долари, пишува „Ројтерс“ повикувајќи се на висок претставник на ЕУ.
„Ништо не е потпишано, но сме блиску до договор со Европската комисија. Сакаме да ја испорачаме нашата вакцина во Европа и водиме конструктивни преговори“,
вели Бансел.
Инаку, компанијата „Модерна“ во понеделникот објави дека ефикасноста на нејзината експериментална вакцина против коронавирусот е 94,5 проценти, а информациите се базираат на последната фаза од клиничкото тестирање.
Освен ефикасноста, друга важна работа која се издвојува кај вакцината на „Модерна“ е тоа што не бара чување на екстремно ниски температури, туку е стабилна на температури од два до осум степени 30 дена и може да се чува на температура од минус 20 во период од шест месеци.