Кандидатот за градоначалник на Чаир од ДУИ го презентираше проектот „Никогаш не е доцна за нови знаења“ наменет за пензионерите, кој, како што наведе, предвидува бесплатни курсеви за мобилни телефони, интернет, користење банкарски картички и други практични вештини што граѓаните самите ги бараат во оваа ера на дигитализација
Финансиска поддршка, картичка за попуст во аптеките, мобилни медицински тимови, како и бесплатни курсеви за користење мобилни телефони, интернет и банкарски картички. Ова се дел од проектите за пензионерите, што во рамките на својата предизборна програма ги претстави Бујар Османи, кандидатот за градоначалник на општина Чаир од коалицијата „Национална алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ.

„Ќе зборувам како човек кој целиот свој живот работи со возрасните луѓе и има огромна почит кон нив. Знам што значи да се мине еден живот со многу труд и пожртвуваност. Овие луѓе ја изградиле нашата заедница, нашата општина, но и на нашата држава и затоа заслужуваат достоинствена старост и максимална поддршка“,
рече Османи на почетокот на прес-конференцијата во седиштето на ДУИ во Чаир.
Тој наведе дека во Чаир живеат над 7 400 пензионери, што е повеќе од 15 проценти од полнолетното население, но досега општината не направила ништо за да го подигне нивниот животен стандард.
Посочувајќи дека за оваа група граѓани во општината нема соодветни програми и конкретни мерки, кандидатот за градоначалник на ДУИ рече дека пензионерите пред сè имаат потреба во делот на здравствената заштита, социјализацијата и финансиската поддршка.
Под мотото „Со срце за возрасните“, Османи ги презентира мерките кои, како што кажа, ќе го вратат достоинството на секој возрасен жител и пензионер во општината.
„Прво ќе обезбедиме финансиска поддршка, еднократна помош за сите пензионери со најниски примања, за оние што најмногу ја чувствуваат тежината на месецот. Ќе воведеме картичка ‘златни години’. Со оваа картичка ќе добиваат попусти во аптеките и при купување на секојдневните производи. Заедно ќе ја намалиме една од најголемите грижи, а тоа е цената на здравјето“,
рече кандидатот за градоначалник на ДУИ.
Во делот на здравствената и социјална грижа, тој соопшти дека доколку ја добие довербата на гласачите, со својот тим ќе формира мобилни тимови на лекари и медицински сестри што ќе вршат домашни посети на пензионерите кои имаат потреба за таков вид грижа. Идејата, како што кажа Османи, е овие пензионери двапати во неделата да ги посетува лекарски тим и физиотерапевт.
Друга мерка во делот на здравствената заштита што ја претстави тој е „мобилна болница во маалото“.
„За првпат во Чаир лекари ќе вршат бесплатни прегледи по улиците и маалата. Ќе воспоставиме редовен караван кој во одредени периоди, но редовно, ќе ги посетува маалата и ќе врши прегледи“, рече Османи.
Тој ветува и субвенции за престој во домовите за стари лица, како и реновирање на сите пензионерски клубови и изградба на нови со содржини за социјализација, но и едукација.
„Чаир ќе биде првата општина во Северна Македонија која ќе поддржи достоинствен престој на пензионерите што имаат потреба од тоа, без товар за семејството. Организирани екскурзии и излети, како што кажав, социјализацијата е важна и затоа ќе организираме еднодневни патувања и културни посети за дружење. Ветувам реновирање на сите клубови коишто ќе добијат нов изглед, нова опрема буџет за настани, филмови, курсеви и дружење, но и отворање на нови во нашите маала и населби“,
рече тој.

Османи го презентираше и проектот „Никогаш не е доцна за нови знаења“, кој, како што наведе, предвидува бесплатни курсеви за мобилни телефони, интернет, користење на банкарски картички и други практични вештини што граѓаните самите ги бараат во оваа ера на дигитализација.
Ова, рече тој, се мерки што ги планираат со конкретни партнери, со обезбеден буџет и со вклученост на пензионерите, најавувајќи притоа и работа „рака под рака“ со здруженијата на пензионери.
„Јас не ветувам празни зборови, ветувам со дело, со срце и со искрена намера во мојот мандат пензионерите да добијат достоинствен живот“,
подвлече Османи на крајот.