Биле усогласени и голем број теми, кои, како што истакнуваат од МНР, по завршувањето на дијалогот ќе станат дел од заедничката декларација меѓу Северна Македонија и САД
Првиот дел од стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД е завршен, а во рамките на кој се одржани неколку сесии на кои делегациите на двете земји ги отвораа темите од интерес за соработка, информираа од Министерството за надворешни работи.
„По воведните обраќања на шефовите на Делегациите, Бујар Османи и Карен Донфрид, се одржаа и панелите за Регионалните иницијативи, Поврзувањето на граѓаните, Безбедноста и одбраната, како и панелот за Енергетика и животна средина. Соодветно на темите и областите кои ги покриваат панелите, покрај Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, со свои излагања и интервенции настапија и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, , министерот за економија Крешник Бектеши, како и министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска“,
се вели во соопштението на МНР.
Оттаму информираат и дека во рамките на дијалогот бил направен преглед на состојбите и напредокот на земјата по сите теми, како и улогата и поддршката која САД ја обезбедуваат во сите области од взаемен интерес. Биле усогласени и голем број теми, кои, како што е истакнато, по завршувањето на дијалогот ќе станат дел од заедничката декларација меѓу Северна Македонија и САД.
„Во вториот дел од дијалогот што следи ќе се одржат панелите за Владеење на право и Добро владеење, Трговија и инвестиции, се очекува биде направен и пресек на билатералната соработка. Соодветно, покрај присутните министри, преку видео конференциска врска ќе се вклучи и Заменичката на Претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска. Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД претставува надградба на стратешкото партнерство меѓу двете земји и отвора ново поглавје во билатералните односи“,
додаваат од МНР.